Стар Завет

Нов Завет

Еремија 23:11-20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. „Да, и пророкот и свештеникот се лицемери: дури и во Својот Дом им најдов нечесност, говори Господ.

12. Затоа нивните патишта ќе им се претворат во лизгава почва: ќе се тетерават и ќе паѓаат во мракот. Зашто Јас ќе навалам врз нив несреќа во годината на нивната казна - говори Господ.

13. И во пророците на Самарија видов многу лудости: пророкуваат во Ваалово име и го заведуваат Мојот израелски народ.

14. Но во ерусалимските пророци видов стравотии: прељуба, измамливи патишта, ги поткрепуваат рацете на злосторниците, та никој не се одвратува од своите злостори. Сите тие Ми се како Содом, а жителите како Гомор!

15. И затоа Господ над Војските зборува вака за пророците: ‘Еве, ќе ги нахранам со пелин и ќе ги напојам со затруена вода, зашто од ерусалимските пророци затече расипаноста во сета земја.’”

16. Вака зборува Господ над Воинствата: „Не слушајте ги зборовите на пророците: тие ве измамуваат, објавуваат виденија на своето срце, а не што доаѓа од Господовата уста;

17. им зборуваат на оние што го презираат Господовиот збор: ‘Ќе биде мир со вас!’ а на оние што го следат гласот на своето закоравено срце: ‘Никакво зло нема да ве најде!’”

18. Па кој беше на Господовото советување, кој виде, кој го слушаше Неговото слово, кој го сфатил та може да го објави?

19. Ете, Господова бура доаѓа со јарост, грозна бура, и паѓа врз безбожничките глави.

20. Господовиот гнев не ќе стивне, додека Тој не ги изврши и не ги исполни замислите на Своето срце. Во последните денови тоа ќе го разберете јасно.

Прочитајте целосна глава Еремија 23