28. ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата:
29. Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде.
30. Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце.
31. О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи.
32. Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза,
33. нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина.
34. Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши.
35. Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја.
36. Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.”
37. „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, -
38. во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато.
39. По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја.
40. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо, како железо што сотрува и здробува сè; како железо што крши, ќе ги скрши и ќе ги разбие сите оние царства.
41. Стапалата што ги виде, делумно од глина а делумно од железо се поделеното царство; ќе имаат нешто од цврстината на железото според што си видел железо измешано со глина.
42. Прстите на стапалата, делумно железо а делумно глина: царството ќе биде делумно цврсто а делумно кревко.
43. А што си видел железо измешано со глина: тие ќе се мешаат со човечко семе, но нема да се држат заедно, како што ни железото не може да се измеша со глина.