Стар Завет

Нов Завет

Даниел 2:28-39 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

28. ама има на небото Бог Кој ги открива тајните, и Тој му го соопшти на царот Навуходоносор она што ќе биде во последните денови. Еве го твојот сон и она што ти се привидело во постелата:

29. Тебе цару, во твојата постела, ти дојдоа мисли за тоа што ќе се случи подоцна, а Откривателот на тајните ти соопшти она што ќе биде.

30. Иако немам мудрост повеќе отколку другите смртници, таа тајна ми е откриена само затоа за да му го соопштам на царот нејзиното значење и за да ги запознаеш мислите на своето срце.

31. О, цару, ти имаше привид: Ете, кип, голем кип, многу блескав стоеше пред тебе, страшен за очи.

32. Главата на кипот беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, стомакот и бедрата од бронза,

33. нозете од железо, а стапалата делумно од железо, делумно од глина.

34. Ти набљудуваше: одненадеж се одвали камен а да не го допре рака, па удри во кипот, во стапалата од железо и глина, та го скрши.

35. Тогаш наеднаш се здроби железото и глината, бронзата, среброто и златото, и сè стана како плева на гумно лете, и ветерот го однесе сето без трага. А каменот што удри во кипот стана голема гора та ја наполни сета земја.

36. Тоа беше сонот; а неговото значење ќе го кажеме пред царот.”

37. „Ти, цару, цару над царевите, кому Небесниот Бог му даде царство сила, моќ и слава, -

38. во чии раце ги стави, каде и да се нашле човечките синови, полските животни, небесните птици, и те постави господар над сè тоа - ти си главата од злато.

39. По тебе ќе настане друго царство, послабо од твоето, па трето, од бронза, кое ќе господари со сета земја.

Прочитајте целосна глава Даниел 2