Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 49:5-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. Симеон и Леви се браќа! Мечевите им се оружје на насилство.

6. Јас не учествував во нивните советувања, не зедов дел во нивните собранија! Во својот гнев убиваа луѓе; во бес ги пресекоа жилите на воловите.

7. Проклет да им е гневот, зашто беше прежесток! Проклета да им е јароста, зашто беше пресурова! Ќе ги разделам во Јакова, ќе ги распрснам низ Израел.

8. Јудо! Твоите браќа ќе те слават, раката ти е секогаш врз вратот на непријателот, синовите на татка ти ќе ти се поклонуваат.

9. Јудо, лавче младо! Си се здебелил, сине, од лов; клекна, легна како лав и како лавица: кој ќе го разбуди?

10. Нема да се оддалечат од Јуда: ни царското жезло, ниту владетелската палка од кај неговите нозе, додека не дојде Оној, кому Му припаѓа, кому ќе Му се покорат народите.

11. Го врзува своето ждребе за лозата, а неговото младо осле за племенита пенушка. Тој ја пере својата облека во вино, својата носија во крвта на грозјето.

12. Неговите очи ќе црвенеат од вино, забите ќе белеат од млеко.

13. Завулон ќе живее покрај морскиот брег, ќе биде пристаниште на бродови и ќе граничи со Сидон.

14. Исахар е јако осле, легнато меѓу оградите.

15. Виде дека починката е пријатна, а земјата убава, па ги подметна своите плеќи под бреме и се согласи со потчинетост.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 49