Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 27:32-46 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

32. А неговиот татко Исак праша: „Кој си ти?” Тој одговори: „Јас сум твојот првороденец Исав!”

33. Исак се исплаши многу: „А кој беше тогаш оној, што налови дивеч и веќе ми донесе? Јадов пред да дојдеш ти; го благословив оној и благословен ќе остане.”

34. Штом Исав ги чу зборовите на татка си извика гласно и заплака горко, па му рече на татка си: „Благослови ме и мене, татко!”

35. А тој одговори; „Твојот брат дојде со измама и го однесе твојот благослов.”

36. „Веројатно затоа што името му е Јаков, веќе двапати ме измами - рече Исав. - Ми го одзеде првородството, а сега, еве, ми го одзеде и благословот.” Тогаш прирече: „Зар не задржа за мене некаков благослов?”

37. Исак му одговори на Исава: „Веќе го поставив него за твој господар; нему му ги дадов сите негови браќа за слуги; го надарив со жито и вино. А што можам сега да сторам за тебе, сине мој?”

38. Исав му одговори на својот татко: „Зар ти, татко, располагаш само со еден благослов? Благослови ме и мене, татко мој!” Исав плачеше гласно.

39. Тогаш татко му Исак проговори и рече: „Твојот дом ќе биде далеку од плодната почва, Далеку од росата од небото.

40. Ќе живееш од својот меч, ќе му служиш на брата си. Но еднаш, кога ќе се побуниш, ќе го стресеш неговиот јарем од својот врат.”

41. Исав го замрази Јакова заради благословот, со кого неговиот татко го благослови, па си рече во себеси: „Штом ќе дојдат деновите на жалост по татка ми, ќе го убијам брата си Јакова.”

42. Кога и ги соопштија на Ревека тие зборови, што ги рекол нејзинио повозрасен син Исав, таа го повика помладиот си син Јаков и му рече: „Внимавај! Брат ти Исав има мисла да те убие.

43. Но ти, сине мој, послушај ме: веднаш бегај при брата ми Лавана во Харан.

44. Остани некое време кај него, додека бесот на брата ти тлее кон тебе;

45. додека помине гневот на брата ти и тој заборави што си му сторил. Тогаш јас ќе испратам по тебе и ќе те доведам оттаму. Зошто да ве изгубам двајцата во еден ден!”

46. Потоа Ревека му рече на Исака: „Ми здодеа мојот живот заради овие жени Хетејки. Ако и Јаков се ожени со некоја Хетејка, какви што се домородкиве, зошто ми е тогаш животот!”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 27