Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 27:22-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Јаков се доближи до татка си Исака, кој го опипа и рече: „Гласот е Јаковов, но рацете се Исавови.”

23. Не го препозна, зашто рацете му беа влакнести, како и рацете на брата му Исава. Кога сакаше да го благослови,

24. го праша уште еднаш: „Ти ли си навистина мојот син Исав?” Тој одговори: „Јас сум.”

25. Потоа Исак рече: „Стави пред мене, да јадам од ловот на мојот син, па да те благослови мојата душа.” Јаков го послужи, и јадеше. Потоа му донесе вино, и пиеше.

26. Неговиот татко Исак му рече: „Приближи се, сине мој, и пољуби ме!”

27. Кога се доближи и го пољуби, Исак го почувствува мирисот на неговата облека и го благослови: „Ете! Мирисот на сина ми сличен е на мирисот на полето, што Господ го благослови.

28. Бог нека ти даде роса од небото и плодност на земјата: изобилство на жито и вино.

29. Народите да ти служат, племињата да ти се поклонуваат! Да господариш над своите браќа, синовите на мајка ти нека се поклонуваат пред тебе! Проклет да биде кој те проколнува; благословен - кој те благословува!”

30. Тукушто Јаков се оддалечи од татка си Исака - откако Исак го благослови Јакова - неговиот брат Исав дојде од лов.

31. И тој зготви вкусно јадење и му го донесе на татка си. И му рече на својот татко: „Стани, татко мој, и јади од ловот на сина си, за да можеш да ме благословиш тогаш!”

32. А неговиот татко Исак праша: „Кој си ти?” Тој одговори: „Јас сум твојот првороденец Исав!”

33. Исак се исплаши многу: „А кој беше тогаш оној, што налови дивеч и веќе ми донесе? Јадов пред да дојдеш ти; го благословив оној и благословен ќе остане.”

34. Штом Исав ги чу зборовите на татка си извика гласно и заплака горко, па му рече на татка си: „Благослови ме и мене, татко!”

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 27