Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 26:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во земјата настапи глад, различен од поранешниот, што беше за времето на Авраама, па Исак отиде при Авимелеха, царот на Филистејците во Герар.

2. Господ му се јави и рече: „Не слегувај во Египет: живеј во земјата, што ќе ти ја покажам.

3. Настани се во таа земја, Јас ќе бидам со тебе и ќе те благословувам; тебе и на твоето потомство ќе ви ги дадам сите овие земји, за да ја исполнам заклетвата со која му се заколнав на татка ти Авраама.

4. Ќе го умножам твоето потомство како ѕвезди на небесата и на твоето потомство ќе му ги дадам сите овие краеви, така што преку твоето потомство ќе бидат благословувани сите народи на земјата;

5. бидејќи Авраам го слушаше Мојот глас и им се покоруваше на Моите заповеди, на Моите закони и одредби!”

6. Така Исак остана во Герар.

7. Кога месните жители го прашаа за неговата жена, рече: „Таа ми е сестра.” Се плашеше да рече: „Таа ми е жена,” мислејќи: „Месните жители можат да ме убијат заради Ревека, зашто е убава.”

8. Бидејќи таму се задржаа подолго, царот на Филистејците Авимелех еднаш погледна низ прозорецот и виде дека Исак ја милува својата жена Ревека.

9. И Авимелех го повика Исака и рече: „Така, таа ти е жена! Како можеше да речеш дека ти е сестра?” Исак му одговори: „Зашто мислев дека можам да загинам заради неа.”

10. Авимелех рече: „Зошто ми направи така? За малку еден од мојот народ не легна со твојата жена, и ти би нè вовел нас во грев.”

11. Тогаш Авимелех му објави повелба на својот народ: „Кој ќе се допре до овој човек и до неговата жена, ќе ја изгуби главата.”

12. Исак посеа во онаа земја, и во тоа лето му роди стопати повеќе. Господ го благословуваше,

13. и човекот стануваше сè побогат.

14. Спечали стада со овци и говеда, доби и многу слуги, така што Филистејците му завидеа.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 26