Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 24:30-47 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

30. Штом ги виде носната обетка и гривните на рацете на својата сестра и чу како неговата сестра Ревека рече: „Вака ми зборуваше човекот,” тој тргна кон оној, што уште стоеше до камилите на изворот.

31. Тој рече: „Влези внатре, благословен од Господа! Зошто стоиш надвор? Кога јас ја подготвив куќата и место за камилите.”

32. Така човекот влезе во куќата. Ги растоварија камилите и им дадоа слама и храна; а нему и на луѓето, што го придружуваа, им донесоа вода, за да си ги измијат нозете.

33. Но кога ставија храна пред него, рече: „Нема да јадам додека не кажам што има да кажам.” А Лаван му рече: „Тогаш кажувај!”

34. „Јас сум Авраамов слуга - почна тој. -

35. Господ го благослови мојот господар премногу, па стана богат. Му даде овци и говеда, сребро и злато, слуги и слугинки, камили и ослиња.

36. Сбра, жената на мојот господар, му роди син откако остаре, и му отстапи сè свое.

37. Потоа мојот господар ме заколна мене, велејќи: ‘Не земај за мојот син девојка Ханаанка за жена, во земјата во која живеам како туѓинец,

38. туку отиди во домот на мојот татко, при мојот род, за да најдеш жена за мојот син.’

39. А јас му реков на својот господар: ‘А што, ако жената не сака да тргне по мене?’

40. Тој ми одговори: ‘Господ, пред чие лице одев, ќе го испрати Својот ангел со тебе, и твоето патување ќе го доведе до целта, и ти ќе најдеш жена за мојот син од мојот род, од семејството на татка ми.

41. Единствено вака ќе бидеш ослободен од мојата заклетва: ако дојдеш при моите роднини, а тие те одбијат, слободен си од мојата заклетва.’

42. Денес пристигнав до изворот и реков: ‘Господи, Боже на мојот господар Авраам, ако си волен да го завршам успешно патувањето што го презедов,

43. јас, ете, ќе стојам крај кладенецот, а девојката која ќе дојде да налее вода и јас и речам: „Дај ми да се напијам малку вода од твојата врчва!” -

44. и која ќе ми рече: „Пиј ти, а ќе им нацрпам и на твоите камили!” таа нека биде жената, која Господ ја одреди за синот на мојот господар.’

45. Штом го свршив зборувањето во себе, кога - ете - се појави Ревека со врчва на рамото; слезе до изворот и нацрпи. Јас и реков: ‘Дај ми да се напијам!’

46. Таа бргу ја спушти врчвата и одговори: ‘Пиј! А ќе ги напојам и твоите камили.’ Така се напив јас, а таа ги напои и моите камили.

47. Ја прашав: ‘Чија ќерка си?’ Ми одговори: ‘Ќерка сум на Ватуил, кого Мелха му го роди на Нахора.’ Тогаш и ја ставив обетката на нос, а гривните на раце.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 24