Стар Завет

Нов Завет

Битие (1 Moj.) 24:17-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

17. Слугата и се затрча во пресрет и и рече: „Дај ми малку вода од твојата врчва!”

18. „Пиј, господине!” - одговори таа. Брзо ја спушти врчвата на рака и му даде да пие.

19. Откако го напи него, рече: „Ќе им налеам и на твоите камили, за да се напијат.”

20. Откако ја излеа бргу врчвата во поилото, отрча назад до кладенецот за да црпи повторно, и така им налеа на сите негови камили.

21. Човекот ја набљудуваше со молчење, не би ли сознал дали Господ го приведе успешно кон крај неговиот пат или не.

22. Кога камилите прекратија да пијат, човекот извади златна обетка, тешка половина сикал, и и ја стави на нејзините носалки, а на рацете и стави златни гривни, тешки десет сикли.

23. Потоа рече: „Чија ќерка си? Дали има во куќата на татка ти место за нас, да преноќеваме?”

24. Таа му одговори: „Јас сум ќерка на Ватуил, кого Мелха му го роди на Нахора.”

25. Уште рече: „Има кај нас слама и храна во изобилство, а и место за ноќевање.”

26. Човекот тогаш се поклони длабоко, па му искажа почит на Господа,

27. и проговори: „Благословен да биде Господ, Бог на мојот господар Авраам, што не го лиши мојот господар од Својата љубов и од Својата верност. Господ ме водеше мене по прав пат, во куќата на братот на мојот господар.”

28. Девојката отрча и го раскажа сè тоа во куќата на мајка си.

29. А Ревека имаше брат, чие име беше Лаван. Лаван побрза надвор, кон човекот при кладенецот.

30. Штом ги виде носната обетка и гривните на рацете на својата сестра и чу како неговата сестра Ревека рече: „Вака ми зборуваше човекот,” тој тргна кон оној, што уште стоеше до камилите на изворот.

Прочитајте целосна глава Битие (1 Moj.) 24