Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 8:5-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

5. И кога му раскажуваше на царот за воскресението на детето, ете ја жената на која Елисеј и го оживи синот; таа му се обрати на царот заради својата куќа и за својата нива. А Гиезиј рече: „Господару цару, еве ја онаа жена, и еве го нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.”

6. Царот ја праша жената, и таа му раскажа сè. Тогаш царот даде еден слуга, кому му нареди: „Нека и се врати сè што е нејзино, и сите приходи од денот кога ја напушти земјата до денес!”

7. Елисеј дојде во Дамаск. Вен-Адад, арамејскиот цар, беше разболен. Веднаш му јавија: „Божјиот човек дојде ваму.”

8. Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи со себе подарок па оди пред Божјиот човек. И прашај Го Господа преку него, за да научам дали ќе се излечам од оваа болест.”

9. Азаил отиде пред Елисеја и му донесе подарок од сè што беше најдобро во Дамаск, сè тоа натоварено на четириесет камили. Дојде тој и застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, арамејскиот цар, ме праќа кај тебе и прашува дали ќе оздрави од онаа болест.”

10. Елисеј му одговори: „Оди и речи му: ‘Ќе оздравиш, секако!’ Но Господ ми покажа дека ќе умре.”

11. И Божјиот човек го насочи погледот пред себе, збунет, и заплака.

12. Азаил рече: „Зошто плачеш, господару мој?” Елисеј одговори: „Затоа што ги знам сите зла што ти ќе им ги направиш на Израелците: ќе им ги изгориш тврдините, со меч ќе ги истепаш нивните млади луѓе, ќе ги сотираш нивните деца, а ќе ги распаруваш трудните жени.”

13. Азаил рече: „Но што е твојот слуга? Зар е пес за да направи такви страшни работи?” Елисеј одговори: „Во едно Господово откровение те видов тебе како арамејски цар.”

14. Азаил си отиде од Елисеј и се врати кај својот господар, кој го праша: „Што ти рече Елисеј?” Тој одговори: „Ми рече дека ќе оздравиш.”

15. Но утреден ја зеде покривката, ја накваси во вода и го покри царот преку лицето, та тој умре. А на негово место се зацари Азаил.

16. Во петтата година на царувањето на Јорама, синот Ахавов, во Израел, јудејски цар стана Јорам, синот Јосафатов.

17. Му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим.

18. Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; правеше што е зло во Господовите очи.

19. Сепак Господ не сакаше да го погуби Јуда заради Својот слуга Давид, затоа што му вети дека ќе им даде светилник нему и на неговите синови засекогаш.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 8