поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25

Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 8 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Елисеј ја посоветува жената на која и го оживеа синот: „Стани, тргни со своето семејство и засолни се како туѓинка каде и да било, зашто Господ пушти глад; веќе дојде во земјата за седум години.”

2. Жената стана и направи како што и рече Божјиот човек: си отиде, таа и нејзиното семејство, и остана седум години во Филистејската Земја.

3. На крајот на седмата година жената се врати од Филистејската Земја и отиде кај царот да си ја побара својата куќа и нивата.

4. Токму царот разговараше со Гиезиј, слугата на Божјиот човек. Му велеше: „Раскажи ми за сите големи дела што Елисеј ги направил!”

5. И кога му раскажуваше на царот за воскресението на детето, ете ја жената на која Елисеј и го оживи синот; таа му се обрати на царот заради својата куќа и за својата нива. А Гиезиј рече: „Господару цару, еве ја онаа жена, и еве го нејзиниот син, кого Елисеј го оживеа.”

6. Царот ја праша жената, и таа му раскажа сè. Тогаш царот даде еден слуга, кому му нареди: „Нека и се врати сè што е нејзино, и сите приходи од денот кога ја напушти земјата до денес!”

7. Елисеј дојде во Дамаск. Вен-Адад, арамејскиот цар, беше разболен. Веднаш му јавија: „Божјиот човек дојде ваму.”

8. Тогаш царот му рече на Азаила: „Земи со себе подарок па оди пред Божјиот човек. И прашај Го Господа преку него, за да научам дали ќе се излечам од оваа болест.”

9. Азаил отиде пред Елисеја и му донесе подарок од сè што беше најдобро во Дамаск, сè тоа натоварено на четириесет камили. Дојде тој и застана пред него и рече: „Твојот син Вен-Адад, арамејскиот цар, ме праќа кај тебе и прашува дали ќе оздрави од онаа болест.”

10. Елисеј му одговори: „Оди и речи му: ‘Ќе оздравиш, секако!’ Но Господ ми покажа дека ќе умре.”

11. И Божјиот човек го насочи погледот пред себе, збунет, и заплака.

12. Азаил рече: „Зошто плачеш, господару мој?” Елисеј одговори: „Затоа што ги знам сите зла што ти ќе им ги направиш на Израелците: ќе им ги изгориш тврдините, со меч ќе ги истепаш нивните млади луѓе, ќе ги сотираш нивните деца, а ќе ги распаруваш трудните жени.”

13. Азаил рече: „Но што е твојот слуга? Зар е пес за да направи такви страшни работи?” Елисеј одговори: „Во едно Господово откровение те видов тебе како арамејски цар.”

14. Азаил си отиде од Елисеј и се врати кај својот господар, кој го праша: „Што ти рече Елисеј?” Тој одговори: „Ми рече дека ќе оздравиш.”

15. Но утреден ја зеде покривката, ја накваси во вода и го покри царот преку лицето, та тој умре. А на негово место се зацари Азаил.

16. Во петтата година на царувањето на Јорама, синот Ахавов, во Израел, јудејски цар стана Јорам, синот Јосафатов.

17. Му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим.

18. Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; правеше што е зло во Господовите очи.

19. Сепак Господ не сакаше да го погуби Јуда заради Својот слуга Давид, затоа што му вети дека ќе им даде светилник нему и на неговите синови засекогаш.

20. Во негово време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија цар.

21. Јорам отиде во Саир, и со него сите бојни коли. Се крена ноќе и ги погуби Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. Народот избега во своите шатори.

22. Сепак Едомците се ослободија од под јудината власт сè до денес. Во исто време се одметна и Ливна.

23. Другите Јорамови дела, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

24. Јорам почина покрај своите татковци, и беше закопан кај своите татковци во Давидовиот Град. Неговиот син Охозиј се зацари место него.

25. Во дванаесеттата година на Јорам, синот Ахавов, израелскиот цар, јудејски цар стана Охозиј, синот Јорамов.

26. На Охозиј му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Готолија, а му беше ќерка на израелскиот цар Амриј.

27. И тој одеше по патот на Ахавовиот дом и правеше зло во Господовите очи, како и Ахавовиот дом, зашто беше род со него.

28. Тој тргна со Јорам, Ахавовиот син, во Галадскиот Рамот во бој против Азаил, арамејскиот цар. И арамејците го ранија Јорама.

29. Царот Јорам се врати во Езраел за да се лечи од раните што му ги нанесоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејскиот цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам беше болен.