Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 8:14-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Азаил си отиде од Елисеј и се врати кај својот господар, кој го праша: „Што ти рече Елисеј?” Тој одговори: „Ми рече дека ќе оздравиш.”

15. Но утреден ја зеде покривката, ја накваси во вода и го покри царот преку лицето, та тој умре. А на негово место се зацари Азаил.

16. Во петтата година на царувањето на Јорама, синот Ахавов, во Израел, јудејски цар стана Јорам, синот Јосафатов.

17. Му беа триесет и две години кога се зацари, а царуваше осум години во Ерусалим.

18. Живееше како израелските цареви, како и Ахавовиот дом, зашто Ахавовата ќерка му беше жена; правеше што е зло во Господовите очи.

19. Сепак Господ не сакаше да го погуби Јуда заради Својот слуга Давид, затоа што му вети дека ќе им даде светилник нему и на неговите синови засекогаш.

20. Во негово време Едомците се одметнаа од под јудејската власт и си поставија цар.

21. Јорам отиде во Саир, и со него сите бојни коли. Се крена ноќе и ги погуби Едомците, кои ги опколија него и заповедниците на бојните коли. Народот избега во своите шатори.

22. Сепак Едомците се ослободија од под јудината власт сè до денес. Во исто време се одметна и Ливна.

23. Другите Јорамови дела, сè што направи, зар тоа не е запишано во книжниот свиток Летописи на јудејските цареви?

24. Јорам почина покрај своите татковци, и беше закопан кај своите татковци во Давидовиот Град. Неговиот син Охозиј се зацари место него.

25. Во дванаесеттата година на Јорам, синот Ахавов, израелскиот цар, јудејски цар стана Охозиј, синот Јорамов.

26. На Охозиј му беа дваесет и две години кога се зацари, а царуваше една година во Ерусалим. Мајка му се викаше Готолија, а му беше ќерка на израелскиот цар Амриј.

27. И тој одеше по патот на Ахавовиот дом и правеше зло во Господовите очи, како и Ахавовиот дом, зашто беше род со него.

28. Тој тргна со Јорам, Ахавовиот син, во Галадскиот Рамот во бој против Азаил, арамејскиот цар. И арамејците го ранија Јорама.

29. Царот Јорам се врати во Езраел за да се лечи од раните што му ги нанесоа во Рама, кога се бореше со арамејскиот цар Азаил. Јорамовиот син Охозиј, јудејскиот цар, слезе во Езраел за да го посети Ахавовиот син Јорам, зашто Јорам беше болен.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 8