Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 25:1-14 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во деветтата година на неговото царување, во десеттиот ден на десеттиот месец, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со својата војска против Ерусалим. Се влогори пред градот и го опаша со окопи.

2. Градот остана опколен до единаесеттата година на Седекиевото царување.

3. Во деветтиот ден на четвртиот месец, кога во градот завладеа таков глад што простиот народ немаше ни леб,

4. непријателот навлезе во градот. Тогаш царот и сите воини избегаа ноќе низ вратата меѓу двата ѕида над Царската Градина - Халдејците го имаа опколено градот - и тргнаа по патот кон Арава.

5. Халдејските чети тргнаа во потера по царот и го настигнаа во Ерихонските Полиња, а сета негова војска се разбега.

6. Халдејците го фатија и го одведоа во Ривла пред вавилонскиот цар, кој што му изрече пресуда.

7. Ги закла Седекиевите синови пред неговите очи, на Седекија му ги ископа очите, го окова во окови и го одведе во Вавилон.

8. Во седмиот ден на петтиот месец - во деветнаесеттата година на царувањето на Навуходоносор, вавилонскиот цар - во Ерусалим влезе Невузардан, заповедник на царската телесна стража и телохранител на вавилонскиот цар.

9. Тој ги запали Господовиот Дом, царскиот дворец и сите куќи во Ерусалим.

10. Халдејските чети, под заповедникот на царските телохранители, ги разурнаа ѕидовите што го опкружуваа Ерусалим.

11. Невузардан, заповедникот на царските телохранители, го одведе на заточение Остатокот на народот што беше останал во градот, а исто така и бегалците при вавилонскиот цар и другиот свет.

12. Некои од сиромашните, заповедникот ги остави во земјата како лозари и земјоделци.

13. Халдејците ги скршија бронзените столбови во Господовиот Дом, подножјата и бронзеното море што беа во Господовиот Дом и бронзата ја однесоа во Вавилон.

14. Ги зедоа и грнчињата, лопатите, ножевите, садовите, и воопшто сиот бронзен прибор што беше употребуван во богослужбата.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 25