Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 19:11-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. Ти знаеш што им направија асириските цареви на сите земји предавајќи ги на проклетство! А ти, ти ли ќе се спасиш?

12. Дали боговите ги спасија народите што моите татковци ги уништија: Госанците, Харанците, Ресефците и Еденците во Тел Асар?

13. Каде е ематскиот цар, арфадскиот цар, царот на Сефарваим, Ена и Ава?’”

14. Езекија го прими писмото од посланиковата рака и го прочита. Потоа влезе во Господовиот Дом и го одвитка пред Господа таму.

15. И Му се помоли Езекија на Господа вака: „Господи, Израелев Боже, Кој седиш над херувимите, Ти си единствен Бог над сите земски царства, Ти ги создаде небото и земјата.

16. Приклони го увото, Господи, и чуј, отвори ги очите, Господи, и види! Чуј ги Сенахиримовите зборови што ги испрати за да Го хули живиот Бог.

17. Вистина е, о Господи, асириските цареви ги сотреа народите и нивните земји;

18. им ги фрлија во оган боговите; зашто тоа не беа богови, туку дела на човечките раце, од дрво и од камен; затоа и ги уништија.

19. Но сега, Господи, Боже наш, избави нè од нивните раце за да познаат сите царства на земјата дека Ти, Господи, си единствен Бог.”

20. Тогаш Исаија, синот Амосов, му порача на Езекија: „Вака вели Господ, Израелевиот Бог: ‘Ја послушав молитвата што Ми ја упати заради Сенахирим, асирискиот цар.

21. Еве ги зборовите што Господ ги објави против него: Те презира, ти се руга девицата, Сионската Ќерка; по тебе мавта со главата Ерусалимската Ќерка.

22. Кого го навредуваше, хулеше? На кого викаше гласно, дигаше горделив поглед? На Израелевиот Светец!

23. Преку своите слуги Го навредуваше Господа. Велеше: „Со множество коли, јас се искачив на врвот на гората, на највисоките врвови на Ливан. Му ги исеков највисоките кедри и најубавите чемпреси. Му го достигнав највисокиот врв и неговата гориста градина.

24. Копав и пиев туѓи води; со стапалата тогаш ги исушив сите египетски реки.”

25. Слушаш ли добро? Одамна тоа го подготвував, го смислував од искон, сега го остварувам тоа: на тебе е да ги претвориш тврдите градови во урнатини.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 19