Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 18:16-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Во тоа време Езекија ги откова вратата и вратниците на Господовото Светилиште што тој самиот, јудејскиот цар Езекија, ги имаше позлатено, и тоа му го испрати на асирискиот цар.

17. Асирискиот цар му ги испрати од Лахис во Ерусалим на јудејскиот цар Езекија врховниот заповедник на војската, големиот дворјанец и пехарникот со силна војска. Тие тргнаа, а кога стигнаа во Ерусалим, застанаа кај водоводот на Горниот Рибник, на патот во Валавичарското Поле.

18. Тие го повикаа царот. Пред нив излегоа управителот на дворецот Елијаким, синот Хелкиев, писарот Сомна и советникот Јоах, синот Асафов.

19. Големиот достоинственик (Раб-Шак) им рече: „Кажете му на Езекија: ‘Вака вели големиот цар, асирискиот цар: „Каква е таа надеж во која се надеваш?

20. Мислиш ли дека празните зборови веќе се совет и сила за војна? Во кого се надеваш па си се побунил против мене?

21. Ете, се потпираш на Египет, врз скршената трска што ја прободува и ја продупчува дланката на оној кој ќе се потпре на неа. Таков е фараонот, египетскиот цар, за сите кои се надеваат во него.

22. Можеби ќе ми одговорите: ‘Се надеваме во Господа, својот Бог.’ Но нели Нему Езекија Му ги отстрани високите места и жртвениците и им заповеда на Јудејците: ‘Клањајте се само пред овој жртвеник во Ерусалим?’”‘

23. Ајде, обложи се со мојот господар, асирискиот цар: ќе ти дадам две илјади коњи ако можеш да најдеш јавачи за нив!

24. Тогаш како ќе устоиш пред еден единствен од најмалите слуги на мојот господар? Но ти се надеваш во Египет дека ќе ти даде коли и коњаници.

25. Најпосле, зар јас покрај Господовата волја тргнав против ова место за да го разурнам? Самиот Господ ми рече: ‘Оди против таа земја и разурни ја!’”

26. Елијаким, Сомна и Јоах му рекоа на големиот достоинственик: „Те молиме, зборувај им на своите слуги арамејски, зашто ние разбираме; не зборувај со нас јудејски за да нè чуе народот кој е на ѕидовите!”

27. Но големиот достоинственик им одговори: „Зар мојот господар ме испрати да ви го кажам ова на твојот господар и тебе, а не токму на оние луѓе кои седат на ѕидовите, осудени да ја јадат со вас својата нечистота и да ја пијат својата моч?”

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 18