Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 10:18-31 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Јуј го собра сиот народ и му рече: „Ахав го почитуваше малку Ваала; Јуј ќе го почитува повеќе.

19. Сега повикајте ми ги сите Валови пророци, сите негови слуги и сите негови свештеници, нека не изостане ниеден, зашто ќе му жртвувам на Ваала голема жртва. Кој ќе изостане, ќе го изгуби животот.” Јуј работеше итро, за да ги уништи Валовите верници.

20. Јуј рече: „Свикајте свечен собир за Ваала.” И го свикаа.

21. На тоа Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Валови верници: не беше ниту еден изостанат. Се собраа во Валовиот храм, што се исполни од едниот ѕид до другиот.

22. Јуј му рече на чуварот на облеките: „Изнесете им облеки на сите Валови верници.” И им ги изнесе облеките.

23. Јуј влезе во Валовиот храм со Јонадава, синот Рихавов, и им рече на Валовите верници: „Проверете добро, за да нема тука меѓу вас Господови слуги, туку само Валови верници.”

24. Тие влегоа да принесат жртви и паленици. Но Јуј имаше поставено надвор осумдесет свои луѓе и им рече: „Ако некој од вас пушти да избега и само еден од овие луѓе што ги предавам во вашите раце, со својот живот ќе плати за неговиот живот.”

25. Кога Јуј го заврши приносот на паленицата, им нареди на телохранителите и на началниците: „Влезете, погубете ги! Никој да не излезе!” Телохранителите и началниците влегоа, ги погубија со острилото на мечот и ги исфрлија надвор. После отидоа до светилиштето на Валовиот храм.

26. Го изнесоа Валовиот лик од храмот и го спалија.

27. Го раскопаа Валовиот жртвеник и го претворија во јами за нечистота, што останаа до денес.

28. Така Јуј го истреби Ваала од Израел.

29. Но Јуј не се сврти од гревовите на Јеровоам, синот Наватов, со кои го заведуваше Израел, од златните телиња во Ветил и Дан.

30. Господ му рече на Јуј: „Затоа што го сврши добро тоа што ми е по волја, и затоа што направи сè што го носев во срцето против Ахавовата куќа, твоите синови ќе седат на престолот Израелев сè до четвртото колено.”

31. Но Јуј не го следеше верно и со сето срце законот на Господа, Израелевиот Бог. Не се одврати од гревовите со кои Јеровоам го заведуваше Израел.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 10