Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 10:11-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

11. И Јуј ги погуби во Езраел сите кои останаа од Ахавовиот дом, сите големци, неговите пријатели и неговите свештеници. Никого не поштеди.

12. Потоа Јуј стана и отиде во Самарија. Кога беше на патот кај Овчарска Колиба,

13. ги најде браќата на јудејскиот цар Охозиј та ги праша: „Кои сте?” Тие му одговорија: „Ние сме браќа на Охозиј, а слегуваме за да ги поздравиме царевите синови и синовите на царицата.”

14. Тогаш заповеда: „Фатете ги живи!” И ги фатија живи, и ги погубија при кладенецот кај Вет Екеда, нив четириесет и два. Не остави ниеден од нив.

15. Откако си отиде оттаму, го најде Јонадава, синот Рихавов, кој му доаѓаше во пресрет. Тој го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце искрено спрема моето, како што е моето кон твоето?” Јонадав одговори: „Искрено е.” - „Ако е така, дај ми ја раката.” Јонадав му ја испружи раката, и Јуј го стави покрај себеси во колата.

16. И му рече: „Дојди по мене, ќе и се восхитуваш на мојата ревност по Господа.” И го одведе во својата кола.

17. Влезе во Самарија и ги погуби сите преживеани од Ахавовиот дом во Самарија. Сите ги откорна според словото што Господ му го кажа на Илија.

18. Јуј го собра сиот народ и му рече: „Ахав го почитуваше малку Ваала; Јуј ќе го почитува повеќе.

19. Сега повикајте ми ги сите Валови пророци, сите негови слуги и сите негови свештеници, нека не изостане ниеден, зашто ќе му жртвувам на Ваала голема жртва. Кој ќе изостане, ќе го изгуби животот.” Јуј работеше итро, за да ги уништи Валовите верници.

20. Јуј рече: „Свикајте свечен собир за Ваала.” И го свикаа.

21. На тоа Јуј испрати гласници по сиот Израел, и дојдоа сите Валови верници: не беше ниту еден изостанат. Се собраа во Валовиот храм, што се исполни од едниот ѕид до другиот.

22. Јуј му рече на чуварот на облеките: „Изнесете им облеки на сите Валови верници.” И им ги изнесе облеките.

23. Јуј влезе во Валовиот храм со Јонадава, синот Рихавов, и им рече на Валовите верници: „Проверете добро, за да нема тука меѓу вас Господови слуги, туку само Валови верници.”

24. Тие влегоа да принесат жртви и паленици. Но Јуј имаше поставено надвор осумдесет свои луѓе и им рече: „Ако некој од вас пушти да избега и само еден од овие луѓе што ги предавам во вашите раце, со својот живот ќе плати за неговиот живот.”

25. Кога Јуј го заврши приносот на паленицата, им нареди на телохранителите и на началниците: „Влезете, погубете ги! Никој да не излезе!” Телохранителите и началниците влегоа, ги погубија со острилото на мечот и ги исфрлија надвор. После отидоа до светилиштето на Валовиот храм.

26. Го изнесоа Валовиот лик од храмот и го спалија.

27. Го раскопаа Валовиот жртвеник и го претворија во јами за нечистота, што останаа до денес.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 10