Стар Завет

Нов Завет

2 Цареви 10:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во Самарија беа седумдесет Ахавови синови. Јуј напиша писмо и им го испрати на заповедниците на градот, на старешините и на хранителите на Ахавовите деца. Велеше во него:

2. ”Сега, кога ќе ви стигне ова писмо - вие, кај кои се синовите на вашиот господар, кои имате коли и коњи, цврсти градови и оружје -

3. погледајте кој од синовите на вашиот господар е најдобар и најдостоен, па го поставите на престолот на неговиот татко и борете се за домот на својот господар.”

4. Но тие се уплашија многу и рекоа: „Ете, два цара не можеа да му дадат отпор, како ќе му устоиме ние?”

5. Управителот на дворецот, повелникот на градот и старешините и хранителите му го порачаа ова на Јуј: „Ние сме твои слуги, ќе правиме сè што ќе ни наредиш; никого нема да го прогласиме за цар. Прави што мислиш дека е добро.”

6. Јуј им напиша и второ писмо и рече во него: „Ако сте за мене и ако сакате да ме слушате, земете им ги главите на луѓето; на синовите на својот господар, и побарајте ме утре во ова доба во Езраел.” Имено, седумдесет царски синови беа кај угледните граѓани, кои ги воспитуваа.

7. А кога им стигна ова писмо, ги зедоа царевите синови и ги погубија сите седумдесет. Нивните глави ги ставија во кошници и му ги испратија нему во Езраел.

8. Гласникот дојде и му јави: „Ги донесоа главите на царските синови.” Тој рече: „Ставете ги до утре кај влезната врата, на две купчиња.”

9. Утрото излезе, застана и му рече на својот народ: „Вие сте праведни! Јас се заверив против својот господар, но кој ги уби сите овие?

10. Знајте, дека не остана ниту едно слово што Господ го кажа против Ахавовиот дом; туку Господ изврши сè што рече преку Својот слуга Илија.”

11. И Јуј ги погуби во Езраел сите кои останаа од Ахавовиот дом, сите големци, неговите пријатели и неговите свештеници. Никого не поштеди.

12. Потоа Јуј стана и отиде во Самарија. Кога беше на патот кај Овчарска Колиба,

13. ги најде браќата на јудејскиот цар Охозиј та ги праша: „Кои сте?” Тие му одговорија: „Ние сме браќа на Охозиј, а слегуваме за да ги поздравиме царевите синови и синовите на царицата.”

14. Тогаш заповеда: „Фатете ги живи!” И ги фатија живи, и ги погубија при кладенецот кај Вет Екеда, нив четириесет и два. Не остави ниеден од нив.

15. Откако си отиде оттаму, го најде Јонадава, синот Рихавов, кој му доаѓаше во пресрет. Тој го поздрави и му рече: „Дали е твоето срце искрено спрема моето, како што е моето кон твоето?” Јонадав одговори: „Искрено е.” - „Ако е така, дај ми ја раката.” Јонадав му ја испружи раката, и Јуј го стави покрај себеси во колата.

Прочитајте целосна глава 2 Цареви 10