16. Кога ангелот ја протегна својата рака на Ерусалим за да го уништи, на Господа му се сожали заради тоа зло, па му рече на ангелот кој го убиваше народот: „Доста е сега! Повлечи ја својата рака!” А Господовиот ангел беше токму кај гумното на Евусеецот Орнан.
17. Кога Давид го виде ангелот кој го убиваше народот, извика кон Бога: „Еве, јас згрешив, јас направив зло! А тие, овците, што скривија? Твојата рака нека падне врз мене и врз моето семејство!”
18. Во истиот ден дојде Гад кај Давида и му рече: „Оди и подигни Му на Господа жртвеник на гумното на Евусеецот Орнан!”
19. И Давид отиде според Гадовите зборови, како што Му заповеда Господ.
20. Кога Орнан погледна, ги забележа царот и неговите дворјанци како што одат кон него. Орнан излезе и му се поклони на царот со лицето до земја.
21. Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?” А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.”
22. Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва!
23. Сè тоа слугата на мојот господар цар му го подарува на царот!” Уште му рече Орнан на царот: „Господ, твојот Бог, нека ти биде милостив!”
24. Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.” И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли.
25. Таму Давид Му изгради жртвеник на Господа и принесе паленици и помирителни жртви. Тогаш Господ и се смилува на земјата, и прекрати поморот во Израел.