Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 24:15-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. И така Давид го избра поморот. Токму беше време на пченичната жетва. Господ пушти помор на Израел од утрото па до одреденото време; и поморот удри по народот, и умреа седумдесет илјади луѓе од Дан до Вирсавеа.

16. Кога ангелот ја протегна својата рака на Ерусалим за да го уништи, на Господа му се сожали заради тоа зло, па му рече на ангелот кој го убиваше народот: „Доста е сега! Повлечи ја својата рака!” А Господовиот ангел беше токму кај гумното на Евусеецот Орнан.

17. Кога Давид го виде ангелот кој го убиваше народот, извика кон Бога: „Еве, јас згрешив, јас направив зло! А тие, овците, што скривија? Твојата рака нека падне врз мене и врз моето семејство!”

18. Во истиот ден дојде Гад кај Давида и му рече: „Оди и подигни Му на Господа жртвеник на гумното на Евусеецот Орнан!”

19. И Давид отиде според Гадовите зборови, како што Му заповеда Господ.

20. Кога Орнан погледна, ги забележа царот и неговите дворјанци како што одат кон него. Орнан излезе и му се поклони на царот со лицето до земја.

21. Орнан праша: „Зошто мојот господар цар дојде кај својот слуга?” А Давид одговори: „За да го купи од тебе ова гумно, за да Му изгради жртвеник на Господа, па да прекрати поморот во народот.”

22. Орнан му рече на Давида: „Мојот господар и цар нека го земе и нека жртвува она што е добро во неговите очи! Еве говеда за паленици, млатови и волска спрема за дрва!

23. Сè тоа слугата на мојот господар цар му го подарува на царот!” Уште му рече Орнан на царот: „Господ, твојот Бог, нека ти биде милостив!”

24. Но царот му одговори на Орнан: „Не, туку сакам да купам од тебе и да платам; нема да Му принесувам на Господа, својот Бог, паленици што ми се подарени.” И така Давид ги купи гумното и говедата за педесет сребрени сикли.

25. Таму Давид Му изгради жртвеник на Господа и принесе паленици и помирителни жртви. Тогаш Господ и се смилува на земјата, и прекрати поморот во Израел.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 24