Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 18:8-23 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.

9. Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму.

10. Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.”

11. А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!”

12. Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’

13. Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.”

14. А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!” И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот.

15. Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија.

16. Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската.

17. Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор.

18. Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.” И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.”

19. Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.”

20. Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.”

21. Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!” Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча.

22. А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.” А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?”

23. А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!” А Јоав му одговори: „Трчај!” И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 18