поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 18 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Потоа Давид го изброи народот што беше со него и постави над нив илјадници и стотници.

2. Потоа ја подели војската на три дела: едната третина му ја предаде на Јоава, втората третина на Ависај, а третата третина на Гетеецот Итај. Тогаш Давид му рече на народот: „И јас ќе дојдам со вас во војна.”

3. Но народот се спротиви: „Ти не смееш да одиш. Зашто ние и ако побегнеме, никој не ќе обрнува внимание на тоа, или ако загинеме и половина, не ќе се обрнува внимание на тоа; ама ти самиот вредиш колку десет илјади од нас. Освен тоа, подобро е да бидеш подготвен да ни помогнеш од градот.”

4. А царот им одговори: „Ќе направам сè што ви се чини добро.” И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади.

5. А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!” И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома.

6. Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора.

7. Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви.

8. Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.

9. Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму.

10. Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.”

11. А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!”

12. Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’

13. Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.”

14. А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!” И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот.

15. Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија.

16. Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската.

17. Потоа го зедоа Авесалома, го фрлија во длабока јама сред гората и навалија врз неа голем куп камења. Израелците пак избегаа секој во својот шатор.

18. Авесалом уште додека беше жив си постави споменик во Царевата Долина, зашто мислеше: „Немам син кој би го запазил споменот за моето име.” И го нарече тој споменик според своето име, та уште и денес се вика „Авесаломов Споменик.”

19. Ахимас, Садоковиот син, му рече на Јоава: „Одам да му ја соопштам на царот веселата вест дека Господ му додели правда, откако го избави од рацете на неговите непријатели.”

20. Ама Јоав му рече: „Денес не можеш да бидеш гласник, туку тоа ќе бидеш во некој друг ден; денес не можеш да однесеш добра вест, зашто загина царевиот син.”

21. Потоа Јоав му нареди на Етиопецот: „Оди и соопшти му на царот што виде!” Етиопецот му се поклони на Јоава и отрча.

22. А Садоковиот син Ахимас пак го замоли Јоава: „Што и да се случи, дозволи ми да отрчам и јас по Етиопецот.” А Јоав праша: „Зошто би трчал, сине мој, кога таа вест нема да ти донесе награда?”

23. А тој повтори: „Што и да се случи, ќе трчам!” А Јоав му одговори: „Трчај!” И Ахимас отрча низ рамницата и го престигна Етиопецот.

24. Давид токму седеше меѓу две градски врати, а стражарот беше качен на покривот на вратата. Подигнувајќи ги очите, стражарот согледа човек како што трча сам.

25. Стражарот извика и му соопшти на царот, а царот рече: „Ако е сам, носи вест во устата.” Човекот доаѓаше сè поблизу.

26. Тогаш стражарот здогледа друг човек како трча. И извика стражарот кој беше над вратата: „Еве уште еден човек, кој трча сам!” А царот одговори: „Тој е гласник.”

27. Стражарот продолжи: „Го препознавам трчањето на првиот човек: трча како Садоковиот син Ахимас.” А царот одговори: „Тој е добар човек, доаѓа со добра вест.”

28. Ахимас се доближи до царот и го поздрави: „Здраво!” Се фрли со лицето на земјата пред царот и продолжи: „Благословен да е Господ, твојот Бог, Кој ги напушти луѓето што дигнаа раце против мојот господар и цар!”

29. А царот праша: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Ахимас одговори: „Видов голема врева кога царевиот слуга Јоав го испраќаше твојот слуга, ама не знам што беше.”

30. Царот му рече: „Отстапи и застани таму!” Тој отстапи и застана.

31. Тогаш стигна Етиопецот и проговори: „Нека мојот господар цар ја прими добрата вест. Господ денес ти даде правда откако те избави од рацете на сите оние кои што се дигнаа против тебе.”

32. А царот го праша Етиопецот: „Дали е живо момчето Авесалом?” А Етиопецот одговори: „Нека непријателите на мојот господар и цар и сите кои се подигнаа против тебе со лоша намера - поминат како тоа момче!”

33. Царот се возбуди, се искачи во горницата над вратата и заплака; липајќи зборуваше вака: „Сине Авесаломе, сине мој! Сине мој Авесаломе! Ох, да умрев јас место тебе! Авесаломе, сине мој, сине мој!”