Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 18:4-16 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

4. А царот им одговори: „Ќе направам сè што ви се чини добро.” И царот застана покрај вратата, додека војската излегуваше по стотини и илјади.

5. А на Јоава, на Ависаја и на Итаја им даде заповед: „Чувајте ми го младиот човек Авесалом!” И сиот народ чу дека царот им заповеда така на своите војводи за Авесалома.

6. Така војската излезе подготвена за бој пред Израел, и се зафати битка во Ефремовата Гора.

7. Давидовите луѓе ја поразија израелската војска; и голем пораз беше во оној ден: дваесет илјади мртви.

8. Бојот се рашири низ сиот оној крај, и повеќе луѓе голтна во тој ден гората отколку мечот.

9. Авесалом им падна во рацете на Давидовите луѓе. Авесалом јаваше на мазга, а мазгата помина под гранките на голем даб, така што Авесаломовата глава се закачи за гранките, и тој остана висејќи меѓу небото и земјата, додека мазгата од под него замина натаму.

10. Некој човек го виде тоа и му јави на Јоава, говорејќи: „Токму го видов Авесалома како виси на еден даб.”

11. А Јоав му одговори на човекот кој му го јави тоа: „Кога си го видел, зошто не го срамни на место со земјата? Тогаш мојата должност ќе беше да ти дадам десет сребрени шекели и еден појас!”

12. Ама човекот му одговори на Јоава: „И кога би ми изброил на дланката илјада сребрени сикли, не би кренал рака на царскиот син! Со свои уши чувме кога царот ви заповеда тебе, на Ависај и на Итај, велејќи: ‘Чувајте ми го младиот човек Авесалом!’

13. Да нападнев подмолно на него излагајќи го на опасност својот живот - зашто на царот ништо не му останува скриено - тогаш и ти би се држал настрана.”

14. А Јоав одговори: „Не ќе губам јас тука време со тебе!” И зеде три стрели во раката и ги забоде во срцето на Авесалома, кој беше уште жив висејќи на дабот.

15. Потоа пристапија десет момчиња, Јоавови штитоносци, и го дотолчкаа Авесалома и го усмртија.

16. Тогаш Јоав заповеда да затрубат во рог, и војската прекрати да го гони Израел, зашто Јоав ја запре војската.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 18