Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 12:16-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Давид Му се обрати на Бога со молитва за детето: постеше, се враќаше дома и лежеше преку ноќта на гола земја.

17. А старешините на неговиот дом стоеја околу него за да го подигнат од земјата, ама тој не сакаше и не вкуси никакво јадење со нив.

18. А на седмиот ден умре детето. Давидовите дворјанци не се осмелија да му соопштат дека детето умре. Зашто мислеа: „Додека детето беше живо, му зборувавме, а тој не сакаше да нè слуша. А како ќе му кажеме кога детето умре? Ќе направи зло!”

19. Давид забележа дека неговите дворјанци шепотат меѓу себе, и тој сфати дека детето умре. И ги праша Давид своите дворјанци: „Дали умре детето?” А тие одговорија: „Умре.”

20. Тогаш Давид стана од земјата, се искапи, се помаза и се пресоблече во други облеки. Потоа влезе во Господовиот дом и се поклони. Откако се врати потоа во својата куќа, побара да му дадат јадење; и јадеше.

21. А неговите дворјанци го прешаа: „Што правиш тоа? Додека детето беше живо, постеше и плачеше; а сега, кога детето е умрено, стануваш и јадеш!”

22. А тој одговори: „Додека детето уште беше живо, постев и плачев, зашто мислев: ‘Кој знае? Можеби Господ ќе се смилува на мене и детето ќе остане живо!’

23. А сега кога е умрено, зошто да постам? Дали можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, но тоа нема да се врати кај мене!”

24. Потоа Давид ја утеши својата жена Витсавеа. Дојде кај неа и легна со неа. Таа затрудни и роди син кому му го даде името Соломон. Господ го замилува

25. и го соопшти тоа преку пророкот Натан. Овој го нарече со името Едидиј (Возљубен на Господа), заради Господа.

26. Јоав нападна на Рава на Амоновите синови и го освои царскиот град.

27. Тогаш Јоав испрати гласници кај Давида со порака: „Јас нападнав на Рава и го освоив градот покрај водата.

28. Сега ти собери ја другата војска, опколи го градот и заземи го, за да не го освојам јас градот и да му го дадам своето име.”

29. И Давид ја собра сета војска, тргна против Рава, го нападна градот и го зазеде.

30. Тогаш ја симна круната на нивниот цар од неговата глава, што беше тешка еден златен талант; во неа имаше бесценет камен, и ја положија врз Давидовата глава. И многу богат плен однесе од градот.

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 12