Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 11:1-15 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во почетокот на следната година, во времето кога царевите излегуваат во војна, Давид ги испрати Јоава и со него сите свои луѓе и сиот Израел: тие ги разбија Амонците и ја опсадија Рава. А Давид остана во Ерусалим.

2. А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка.

3. Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!”

4. Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа.

5. Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!”

6. Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!” И Јоав го испрати Урија кај Давида.

7. Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната.

8. Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!” Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол.

9. Но Уриј остана да спие пред вратата на царскиот дворец со стражарите на својот господар, и не отиде во својата куќа.

10. Му јавија за тоа на Давида, велејќи: „Уриј не отиде во својата куќа!” Тогаш Давид го праша Урија: „Зар не дојде од пат? Зошто не си одиш во својата куќа?”

11. А Уриј му одговори на Давида: „Ковчегот, Израел и Јуда престојуваат под шатори, мојот господар Јоав и стражата на мојот господар престојуваат на отворено поле, а јас да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена? Жив ми твојот живот и твојата душа, навистина нема да направам нешто такво!”

12. Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани уште денес тука, а утре ќе те пуштам.” Така Уриј остана во Ерусалим во оној ден.

13. Утреден Давид го повика Уриј да јаде и да пие пред него, и тој се испијани. А навечер Уриј излезе и легна во својата постела заедно со стражите на својот господар, ама не отиде во својата куќа.

14. Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј.

15. А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!”

Прочитајте целосна глава 2 Самоилова 11