поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24

Стар Завет

Нов Завет

2 Самоилова 11 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Во почетокот на следната година, во времето кога царевите излегуваат во војна, Давид ги испрати Јоава и со него сите свои луѓе и сиот Израел: тие ги разбија Амонците и ја опсадија Рава. А Давид остана во Ерусалим.

2. А еден ден, приквечер, Давид стана од својата постела и се прошета по покривот на својот дворец. Од покривот забележа жена како што се капе. Жената беше убава на глетка.

3. Давид испрати и се распраша за жената, и му рекоа: „Па тоа е Витсавеа, ќерка Елиамова и жена на Хетеецот Уриј!”

4. Тогаш Давид испрати гласник за да ја доведат кај него. Кога дојде, тој легна со неа, токму кога беше се очистила од својата нечистота, потоа таа се врати во својата куќа.

5. Жената забремени та му порача на Давида: „Трудна сум!”

6. Тогаш Давид му испрати порака на Јоав: „Испрати го кај мене Хетеецот Уриј!” И Јоав го испрати Урија кај Давида.

7. Кога Уриј дојде кај него, Давид го праша како е Јоав, како е војската и како напредува војната.

8. Потоа Давид му рече на Урија: „Слези во својата куќа и измиј си ги своите нозе!” Уриј излезе од царскиот дворец, а по него изнесоа подарок од царскиот стол.

9. Но Уриј остана да спие пред вратата на царскиот дворец со стражарите на својот господар, и не отиде во својата куќа.

10. Му јавија за тоа на Давида, велејќи: „Уриј не отиде во својата куќа!” Тогаш Давид го праша Урија: „Зар не дојде од пат? Зошто не си одиш во својата куќа?”

11. А Уриј му одговори на Давида: „Ковчегот, Израел и Јуда престојуваат под шатори, мојот господар Јоав и стражата на мојот господар престојуваат на отворено поле, а јас да влезам во својата куќа, да јадам и да пијам и да спијам со својата жена? Жив ми твојот живот и твојата душа, навистина нема да направам нешто такво!”

12. Тогаш Давид му рече на Урија: „Остани уште денес тука, а утре ќе те пуштам.” Така Уриј остана во Ерусалим во оној ден.

13. Утреден Давид го повика Уриј да јаде и да пие пред него, и тој се испијани. А навечер Уриј излезе и легна во својата постела заедно со стражите на својот господар, ама не отиде во својата куќа.

14. Наутро Давид му напиша писмо на Јоав и му го испрати по Уриј.

15. А во тоа писмо пишуваше вака: „Поставете го Урија напред, каде што е бојот најжесток, па повлечете се зад него: нека биде погоден и нека загине!”

16. Затоа Јоав, опседнувајќи го градот, го постави Урија на местото каде што знаеше дека стојат најхрабрите борци.

17. Тогаш кога граѓаните излегоа насила надвор и се судрија со Јоав, паднаа неколку од неговата војска, од Давидовите луѓе, а загина и Хетеецот Уриј.

18. Потоа Јоав испрати човек и му соопшти сè што се случило во бојот.

19. И му заповеда на гласникот вака: „Кога ќе му раскажуваш на царот сè што се случило во бојот,

20. можеби царот ќе се налути и ќе ти рече: ‘Зошто сте се доближиле толку близу до градот за да нападнете? Зар не знаевте дека обично се фрлаат стрели од ѕидот?

21. Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?’ Ако ти рече така, а ти речи му: ‘Загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.’”

22. Гласникот тргна на пат, дојде кај Давида и му раскажа сè што му наложи Јоав. А Давид пламна со гнев на Јоава и му рече на гласникот: „Зошто сте се доближиле толку близу до ѕидот? Кој го уби Авимелеха, синот Ерувесетов? Не фрли ли врз него една жена мелнички камен, одозгора од ѕидот, та загина во Тевес? Зошто се доближивте толку близу до ѕидот?”

23. Гласникот му одговори на Давида: „Тие луѓе удрија силно врз нас и излегоа против нас на отворено поле. Ние ги потиснавме назад до градската врата,

24. ама стрелците од ѕидот почнаа да фрлаат стрели врз твоите луѓе, та загинаа неколку од царските луѓе; така загина и твојот слуга Хетеецот Уриј.”

25. Тогаш Давид му рече на гласникот: „Речи му вака на Јоава: ‘Не земај го тоа толку на срце, зашто мечот го голта сега овој, сега оној. Удирај уште посилно на градот и разурни го!’ Така ќе му ја вратиш смелоста!”

26. Кога Уриевата жена чу дека загина нејзиниот маж Уриј, жалеше по својот маж.

27. А кога помина времето на жалоста, Давид испрати по неа и ја зеде во својот дом, и таа му стана жена. И му роди син. Но делото што го направи Давид беше зло во очите на Господа.