Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 34:22-32 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

22. Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го кажаа тоа,

23. таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене:

24. Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар.

25. Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’”‘

26. А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите.

27. Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ!

28. Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.

29. Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини.

30. Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом.

31. Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток.

32. И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци.

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 34