поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31
  32. 32
  33. 33
  34. 34
  35. 35
  36. 36

Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. На Јосиј му беа осум години кога се зацари. Царуваше триесет и една година во Ерусалим.

2. Правеше што е право во Господовите очи. Во сè одеше по патиштата на таткото Давид, не свртувајќи ни десно ни лево.

3. Во осмата година на царувањето, додека беше уште дете, почна да Го бара Бога на таткото Давид, а во дванаесеттата година почна да ги чисти Јудеја и Ерусалим од високите места, ашерите, од режаните и вајаните ликови.

4. Пред него ги оборија жртвениците на Ваал а, ги скрши сончевите столбови кои беа врз нив; ги искрши и ги сотре ашерите и вајаните и леаните ликови, ги истури по гробовите на оние што им принесуваа жртви.

5. Ги спали коските на свештениците на нивните жртвеници и така ги очисти Јудеја и Ерусалим.

6. Исто направи и по градовите на Манасиевото, Ефремовото и Симеоновото племе, па до Нефталимовото, по нивните запустени места наоколу.

7. Ги обори жртвениците и ашерите, ги раскова и ги сотре вајаните ликови и ги исече сите сончеви столбови по сета Израелска Земја, а тогаш се врати во Ерусалим.

8. Во осумнаесеттата година на царувањето, откако ги очисти земјата и Храмот, ги испрати Азалиевиот син Сафан, градскиот управител Масиј, Јоахазовиот син Јоах, тајник, за да го поправат Домот на Господа, неговиот Бог.

9. Тие дојдоа кај врховниот свештеник Хелкиј и му ги предадоа сребрениците донесени во Божјиот Дом, што ги беа собрале левитите, чувари на Храмскиот Праг, од раката на Манасиевите и Ефремовите синови, и од сиот Израелев Остаток, од сето Јудино и Венијаминово племе, од ерусалимските жители.

10. Им го предадоа тоа во рацете на работоводителите, поставени над Господовиот Дом, а тие им издаваа на трудбениците, кои работеа во Господовиот Дом, поправајќи го тоа што беше во истрошена состојба и обновувајќи го Храмот.

11. Им дадоа на дрводелците и на градителите за да купуваат делкан камен и дрво за греди, и за да бидат поправени куќите, што ги разурнаа јудејските цареви.

12. Тие луѓе ја вршеа совесно работата; над нив беа поставени Јат и Овадиј, левити од Мерариевите синови, и Захариј и Месулам од Катовите синови. Сите левити беа искусни на свиралки.

13. Едни беа над бременосците и над настојателите на сите трудбеници во секоја служба, а други од левитите беа писари, надзорници и вратари.

14. Кога ги изнесуваа сребрениците донесени во Господовиот Дом, свештеникот Хелкиј го најде Свитокот на Господовиот Закон, даден преку Мојсеја.

15. И, во одговор, Хелкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдов Свитокот на Законот во Господовиот Дом.” Хелкиј му го даде книжниот свиток на Сафана.

16. Сафан му го однесе книжниот свиток на царот и го извести: „Твоите слуги работат сè што им е доверено.

17. Откако ги собраа сребрениците што ги најдоа во Господовиот Дом, им ги предадоа во рацете на работоводителите и на трудбениците.”

18. Тогаш тајникот Сафан му јави на царот: „Свештеникот Хелкиј ми даде еден книжен свиток.” И Сафан почна да го чита пред царот.

19. Откако ги чу зборовите на Законот, царот ги раскина своите облеки.

20. И им нареди на Хелкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Авдон, на тајникот Сафан и на царевиот слуга Асај:

21. ”Одете и прашајте Го Господа за мене и за Остатокот на Израел и Јудеја, заради овој книжен свиток што е најден, зашто е голем Господовиот гнев, што се излеа на нас затоа што нашите татковци не ги пазеа Господовите зборови, не правеа што е напишано во книжниот свиток.”

22. Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го кажаа тоа,

23. таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене:

24. Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар.

25. Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’”‘

26. А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите.

27. Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ!

28. Еве, ќе те соединам со твоите татковци, и со мир ќе легнеш во гробот, за да не ја видиш сета несреќа што ќе ја навалам врз ова место и на неговите жители.”‘“ Тие му го однесоа одговорот на царот.

29. Тогаш царот испрати да ги соберат сите јудејски и ерусалимски старешини.

30. Потоа царот се искачи во Господовиот Дом, со сите Јудејци, со Ерусалимците, со свештениците, со левитите и со сиот народ, од најголемиот до најмалиот. И им ги прочита сите зборови на книжниот Свиток на Заветот, што е најден во Господовиот Дом.

31. Царот, стоејќи на своето место, го обнови пред Господа Заветот дека ќе Го следи Господа, дека ќе ги пази Неговите заповеди, поуки и одредби со сето срце и со сета душа, та да ги исполни сите зборови на Заветот, што се напишани во книжниот свиток.

32. И сите кои се најдоа во Ерусалим и Венијаминовото племе ги повика да пристапат; и Ерусалимците се прифатија за Заветот на Бога, на Бога на своите татковци.

33. Тогаш Јосиј ги отстрани сите гнасности од сите израелски краеви, и направи така што сите кои се најдоа во Ерусалим да почнат да Му служат на Господа, својот Бог. За време на сиот негов живот не отстапија од Господа, Бога на своите татковци.