Стар Завет

Нов Завет

2 Летописи 34:14-27 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Кога ги изнесуваа сребрениците донесени во Господовиот Дом, свештеникот Хелкиј го најде Свитокот на Господовиот Закон, даден преку Мојсеја.

15. И, во одговор, Хелкиј му рече на тајникот Сафан: „Го најдов Свитокот на Законот во Господовиот Дом.” Хелкиј му го даде книжниот свиток на Сафана.

16. Сафан му го однесе книжниот свиток на царот и го извести: „Твоите слуги работат сè што им е доверено.

17. Откако ги собраа сребрениците што ги најдоа во Господовиот Дом, им ги предадоа во рацете на работоводителите и на трудбениците.”

18. Тогаш тајникот Сафан му јави на царот: „Свештеникот Хелкиј ми даде еден книжен свиток.” И Сафан почна да го чита пред царот.

19. Откако ги чу зборовите на Законот, царот ги раскина своите облеки.

20. И им нареди на Хелкиј, на Сафановиот син Ахикам, на Михеевиот син Авдон, на тајникот Сафан и на царевиот слуга Асај:

21. ”Одете и прашајте Го Господа за мене и за Остатокот на Израел и Јудеја, заради овој книжен свиток што е најден, зашто е голем Господовиот гнев, што се излеа на нас затоа што нашите татковци не ги пазеа Господовите зборови, не правеа што е напишано во книжниот свиток.”

22. Хелкиј со царевите луѓе отиде кај пророчицата Олда, жената на Салум, Текуевиот син, син на Асра, чувар на облеката; таа живееше во Ерусалим, во новиот град. Кога и го кажаа тоа,

23. таа им рече: „Господ, Израелевиот Бог, вели вака: ‘Кажете му на човекот кој ве прати кај мене:

24. Господ вели вака: „Еве, ќе доведам несреќа на овој град и на неговите жители, ќе ги извршам сите клетви напишани во книжниот свиток, што го прочитаа пред јудејскиот цар.

25. Зашто Ме оставија и му кадеа на туѓите богови за да Ме лутат со делата на своите раце, ќе пламне Мојата јарост на тоа место и не ќе изгасне.’”‘

26. А на јудејскиот цар, кој ве испрати по Господов совет, речете му го ова: ‘Господ, Израелевиот Бог, зборува вака: „Ги чу зборовите.

27. Ама бидејќи ти смекна срцето, и зашто се смири пред Бога откако чу што им објавив на тој град и на неговите жители, и смирувајќи се пред Мене, ги раскина облеките и плачеше, затоа те послушав - вели Господ!

Прочитајте целосна глава 2 Летописи 34