Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 8:15-28 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

15. Тој рече: „Нека е благословен Господ, Израелевиот Бог, Кој со Својата рака го исполни ветувањето што со Својата уста му го даде на мојот татко Давид, велејќи:

16. ’Од денот кога го изведов Својот народ од Египетската Земја, не избрав град меѓу ниедно Израелево племе, за да се изгради во него Дом, каде што би престојувало Моето Име, туку го избрав Давида за да заповеда тој со Мојот народ Израел.’

17. Татко ми Давид науми да Му подигне Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог,

18. ама Господ му рече: ‘Си наумил да му подигнеш Дом на Моето Име, и добро направи,

19. но ти нема да го подигнеш тој Дом, туку твојот син кој ќе излезе од твоето крило, тој ќе му подигне Дом на Моето Име.’

20. Господ го исполни Своето ветување: го наследив својот татко Давид и седнав на Израелевиот престол, како што вети Господ, и му подигнав Дом на Името на Господа, Израелевиот Бог,

21. и одредив таму да биде местото на Ковчегот во кој е Заветот што Господ го склучи со нашите татковци, кога ги изведе од Египетската Земја.”

22. Тогаш Соломон стапи, во присуство на сиот Израелев собир, пред Господовиот жртвеник, ги рашири рацете кон небото

23. и рече: „Господи, Израелев Боже! Ниеден бог не Ти е сличен ни на небесата ни долу на земјата, Тебе Кој ги пазиш Заветот и љубовта кон Своите слуги, што чекорат пред Тебе со сето свое срце.

24. На Својот слуга Давид, на мојот татко, Ти му исполни што Си му ветил. Што Си ветил со Својата уста, го исполни со Својата рака токму денес.

25. Сега, Господи, Израелев Боже, исполни му на Својот слуга, на мојот татко Давид, што Си ветил кога Си рекол: ‘Нема пред мене да ти снема наследник кој ќе седи на Израелевиот престол, само ако твоите синови ќе ги чуваат своите патишта, одејќи по Мојот закон како што си одел ти пред Мене.’

26. И сега Господи, Израелев Боже, нека се исполни Твоето ветување што Си му го дал на Својот слуга Давид, на мојот татко!

27. Но зар Бог навистина ќе престојува среде луѓето на земјата? Та небесата ни небесата над небесата не можат да Го опфатат, а камоли овој Дом што сум го изградил!

28. Внимателно послушај ги молитвата и викањето на Својот слуга, Господи, Боже мој, та послушај ги викањето и молитвата што Твојот слуга Ти ја упатува Тебе!

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 8