Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 7:9-24 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Сите тие згради беа од одбран камен, сечен по мера, а делкан одвнатре и однадвор, од основите сè до дрвените спојници, а надвор сè до големото преддворје.

10. Основите им беа од одбран, голем камен: од десет и од осум лакти,

11. а надградбата од одбран, по мера делкан камен и од кедровина.

12. А три реда делкан камен и ред кедрови греди го опкружуваа големиот двор, а исто и внатрешниот двор на Господовиот Дом.

13. Соломон испрати по Хирама од Тир.

14. Тоа беше син на вдовица од Нефталимовото племе, ама татко му беше од Тир, ковач на бронза. Беше полн со вештини, умеење и знаење да изработува сè од бронза. Тој дојде кај царот Соломон и му ја сврши сета работа.

15. Одлеа два столба од бронза; едниот столб беше висок осумнаесет лакти, а мерен со конец наоколу имаше дванаесет лакти, исто така и другиот.

16. И направи две глави од бронза за да се стават врз столбовите; едната глава беше висока пет лакти, и другата беше пет лакти висока.

17. Направи две мрежи во вид на плетенки и верижна жица за да ги покријат главите на вратот на столбовите; седум за едната глава и седум за другата.

18. Тогаш изработи калинки: беа во два реда околу секоја мрежа. И ја покриваа главата на врвот на столбот. Исто направи врз другата глава.

19. Главите на врвот на столбовите пред тремот имаа облик на лотоси, од четири лакти.

20. Стоеја на двата столба кај испакнатината што беше спрема мрежата. Две стотини калинки беа околу првата глава и двеста околу другата.

21. Подигна столбови пред тремот на Светилиштето; едниот го стави на десната страна и го нарече Јахин; постави друг столб на левата страна и му го даде името Воас.

22. Изработените лилјани ги постави на самиот врв на главите. И така ги доврши столбовите.

23. Тогаш од бронзена ковина излеа море што мереше десет лакти од работ до работ; беше кружно наоколу, пет лакти високо, а во опсег, мерено со врвца, имаше триесет лакти.

24. Под работ му беа украси како цветни чашки, кои го опточуваа сосем: по десет на лакат го опточуваа морето наоколу; цветните чашки беа во два реда, и беа излеани со него.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 7