9. Во тие писма напишала: „Прогласете пост и изведете го Навутеја пред народот.
10. Ставете спроти него двајца никаквеци кои ќе го обвинат: Ги проколнуваше Бога и царот! Тогаш изведете го и каменувајте го за да загине.”
11. И луѓето во Навутеевиот град, старешините и главатарите, направија како што им заповеда Језавела и како што пишуваше во писмата кои им ги упатила.
12. Прогласија пост и го ставија Навутеја на чело на народот.
13. Тогаш дојдоа двајца никаквеци, и го оптужија Навутеј пред народот: „Навутеј ги проколнуваше Бога и царот.” И така го изведоа Навутеј надвор од градот, го опсипаа со камења, и тој загина.
14. Потоа и порачаа на Језавела: „Навутеј е каменуван и умре.”
15. Откако Језавела чу дека Навутеј е каменуван и дека умре, му рече на Ахава: „Стани и земи го лозјето што Езраелецот Навутеј не сакаше да ти го отстапи за сребреници. Навутеј веќе не е жив, тој е мртов.”
16. Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост.
17. Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија:
18. ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост.
19. Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’”
20. Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?” Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа.
21. ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел.
22. Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’
23. И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’