Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 21:8-19 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

8. И таа напиша писма во Ахавово име и ги запечати со царскиот печат. Писмата им ги испрати на старешините и главатарите - Навутееви сограѓани.

9. Во тие писма напишала: „Прогласете пост и изведете го Навутеја пред народот.

10. Ставете спроти него двајца никаквеци кои ќе го обвинат: Ги проколнуваше Бога и царот! Тогаш изведете го и каменувајте го за да загине.”

11. И луѓето во Навутеевиот град, старешините и главатарите, направија како што им заповеда Језавела и како што пишуваше во писмата кои им ги упатила.

12. Прогласија пост и го ставија Навутеја на чело на народот.

13. Тогаш дојдоа двајца никаквеци, и го оптужија Навутеј пред народот: „Навутеј ги проколнуваше Бога и царот.” И така го изведоа Навутеј надвор од градот, го опсипаа со камења, и тој загина.

14. Потоа и порачаа на Језавела: „Навутеј е каменуван и умре.”

15. Откако Језавела чу дека Навутеј е каменуван и дека умре, му рече на Ахава: „Стани и земи го лозјето што Езраелецот Навутеј не сакаше да ти го отстапи за сребреници. Навутеј веќе не е жив, тој е мртов.”

16. Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост.

17. Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија:

18. ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост.

19. Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 21