Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 21:16-29 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Кога Ахав научи дека Навутеј е мртов, стана и слезе во лозјето на Езраелецот Навутеј за да го земе во сопственост.

17. Тогаш му беше упатено Господовото слово на Тесвиецот Илија:

18. ”Стани и слези во Самарија, во пресрет на Ахава, израелскиот цар. Ене го во Навутеевото лозје во кое слезе за да го земе во сопственост.

19. Речи му: ‘Господ вели вака: „Уби и присвои?”‘ Затоа Господ вели вака: ‘На местото каде што кучињата ја лижеа Навутеевата крв, кучињата ќе ја лижат и твојата.’”

20. Ахав му рече на Илија: „Ме најде ли, непријателу мој?” Илија одговори: „Те најдов, зашто си се продал да правиш што е зло во очите на Господа.

21. ’Еве, тукушто не навлеков несреќа врз тебе. Ќе го изметам твоето потомство, ќе му ги истребам на Ахава: сè што моча покрај ѕидот, робовите и слободниците во Израел.

22. Ќе направам со твојата куќа како со куќата на Јеровоам, синот Наватов и со куќата на Васа, синот Ахиин, зашто ме расрди и го наведе Израел на грев.’

23. И над Језавела Господ рече: ‘Кучињата ќе ја изедат Језавела во Езраелското Поле.’

24. Кој од Ахавовиот дом ќе умре во градот, кучињата ќе го изедат, а кој ќе умре во полето, ќе го изедат небеските птици.”

25. Навистина, никој не се продаде така како Ахав за да прави што е зло во Господовите очи, зашто го заведуваше неговата жена Језавела.

26. Правеше мошне одвратни дела: одеше по идолите токму како што правеа Аморејците, кои што Господ ги протера пред Израелците.

27. Кога Ахав ги чу тие зборови, ги раскина своите облеки и стави вреќиште на телото; и постеше, и спиеше во вреќиштето и одеше наоколу претпазливо.

28. Тогаш му дојде Господовото слово на Тесвиецот Илија:

29. ”Виде ли како Ахав се понижи пред Мене? Бидејќи така се понижи пред Мене, не ќе го пуштам злото за време на неговиот живот; ќе го пуштам злото во времето на неговиот син врз неговата куќа.”

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 21