Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 20:13-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

13. Тогаш еден пророк го побара Ахава, царот на Израел, и рече: „Господ вели вака: ‘Дали го виде она силно мноштво? Еве, Јас ќе ти го предадам денес во рацете, и ти ќе сознаеш дека Јас Сум Господ.’”

14. Ахав рече: „Преку кого?” Тој одговори: „Преку момчињата на покраинските намесници” Ахав праша: „Кој ќе го почне бојот?” Тој одговори: „Ти!”

15. Ахав изврши смотра на момчњата на покраинските управители. Беа двеста триесет и две. По нив изврши смотра на сите војски на сите Израелци. Беа седум илјади.

16. Тие излегоа на пладне, додека Вен-Адад пиеше во шаторите со триесет и два цареви кои му беа сојузници.

17. Момчињата на покраинските управители излегоа први. Го известија Вен-Адад: „Излегоа луѓето од Самарија.”

18. Тој рече: „Ако излегоа заради мир, фатете ги живи; ако излегоа во бој, фатете ги пак живи!”

19. Ама кога тие - момчињата на покраинските управители - излегоа од градот, по нив следеше другата војска,

20. и секој удри на својот противник. Арамејците бегаа, а Израелците ги гонеа. Вен-Адад, арамејскиот цар, се спаси на коњ со некои коњаници.

21. Тогаш излезе израелскиот цар; ги заплени коњите и колите, и им нанесе на Арамејците тежок пораз.

22. Тогаш пророкот му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Ајде! Охрабри се и размисли добро што треба да правиш, зашто догодина арамејскиот цар ќе нападне на тебе.”

23. Слугите го советуваа арамејскиот цар: „Нивните богови се богови на горите, и затоа беа појаки од нас.

24. И така, да направиме вака: мавни ги овие цареви, и постави ги војводите на нивното место.

25. Потоа собери си голема војска колку што беше онаа што ја изгуби, толку коњи и толку коли. Тогаш ќе се биеме со нив во рамница, и бездруго ќе надвладееме.” Тој ги послуша и направи така.

26. Кога помина годината Вен-Адад ги крена Арамејците и тргна против Афек, за да војува со Израел.

27. Израелците се кренаа и тргнаа против нив. И се влогорија Израелците пред нив како две мали стада кози, додека Арамејците ја покрија земјата.

28. Тогаш Божјиот човек му пристапи на израелскиот цар и му рече: „Вака вели Гопод: ‘Затоа што Арамејците велат дека Господ е Бог на горите и дека не е Бог на рамниците, Јас ќе го предадам во твоите раце ова силно мноштво, за да знаете дека Јас Сум Господ.’”

29. Седум денови беа влогорени едните спроти другите. Во седмиот ден се зафати бој, и Израелците ги погубија Арамејците, сто илјади пешаци во еден единствен ден.

30. Остатокот избега во Афек, во градот, ама ѕидот се урна врз дваесет и седум илјади луѓе кои останаа. Избега и Вен-Адад. Во градот поминуваше од една скривница во друга.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 20