25. Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк.
26. Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.”
27. И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!” И тие му го насамарија.
28. Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето.
29. Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот.
30. Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!”
31. А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите.
32. Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.”
33. Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места.
34. Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.