Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 13:20-34 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

20. Додека седеа покрај столот, му дојде Господово слово на пророкот кој го доведе назад,

21. и тој му извика на Божјиот човек кој дојде од Јудеја: „Господ вели вака: ‘Затоа што не ја послуша Господовата заповед и не ја пазеше наредбата што ти ја даде Господ, твојот Бог,

22. туку се врати, јадеше леб и пиеше вода во местото каде што ти реков да не јадеш леб и да не пиеш вода, затоа твоето тело нема да легне во гробот на твоите татковци.’”

23. Откако оној, кој го беше довел, го најаде леб и го напи вода, му го оседла ослето. И оној замина.

24. А на патот лав скочи врз него, и го усмрти. И така мртвото тело лежеше спружено на патот, ослето стоеше покрај него, и лавот стоеше покрај телото.

25. Поминувајќи луѓето ги видоа: мртвото тело спружено на патот, и лавот како што стои покрај него; и отидоа и го јавија тоа во градот, каде што живееше стариот пророк.

26. Кога го чу тоа пророкот, кој го беше вратил оној од патот, рече: „Тоа е Божјиот човек кој не ја запази Господовата заповед! И Господ го предаде на лав, што го нападна и го умртви, според словото што Господ го рече.”

27. И им рече на своите синови: „Насамарете ми го ослето!” И тие му го насамарија.

28. Тој отиде и го најде мртвото тело фрлено на патот, и ослето и лавот каде стојат покрај телото: лавот не го изеде телото ниту го растрга ослето.

29. Тогаш пророкот го подигна мртвото тело на Божјиот човек и го префрли преку ослето; и се врати во градот во кој живееше, за да го пожали и погребе мртвиот.

30. Го стави мртвото тело во својата гробница и плачеше над него: „Ах, брате мој!”

31. А кога го закопа им рече на своите синови: „По мојата смрт погребете ме во истата гробница каде е погребан Божјиот човек; ставете ги моите коски покрај неговите.

32. Зашто бездруго ќе се исполни словото што по Господова заповед го објави за жртвеникот во Ветил и за сите идолопоклонички куќи на високите места во градовите на Самарија.”

33. Ни по овој настан Јеровоам не се одврати од својот лош пат, туку и натаму поставуваше прости луѓе за свештеници на високите места: кој сакаше, му даваше подароци за да стане свештеник на високите места.

34. Со таквата постапка паѓаше во грев Јеровоамовата куќа, се рушеше и ја снемуваше од лицето на земјата.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 13