Стар Завет

Нов Завет

1 Цареви 13:1-12 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. А некој Божји човек дојде со Божјото слово од Јудеја во Ветил кога Јеровоам стоеше пред жртвеникот за да кади.

2. И по Божја заповед оној извика кон жртвеникот: „Жртвенику, жртвенику! Господ вели вака: ‘Еве ќе се роди во Давидовиот дом син по име Јосиј. Тој ќе ги жртвува на тебе свештениците на високите места, тие кои што кадат врз тебе, и тој ќе гори човечки коски врз тебе!’”

3. И во исто време им даде знак: „Ова е знак дека Господ зборуваше: ете, жртвеникот ќе се распукне и ќе се истури пепелта што е на него.”

4. Кога царот чу што рече Божјиот човек против жртвеникот во Ветил, ја испружи раката оттаму од жртвеникот и рече: „Фатете го!” Но раката што ја испружи кон човекот се исуши, и не можеше да ја врати кон себе.

5. Жртвеникот распукна, и пепелта се истури од жртвеникот, според знакот што го даде Божјиот човек по Господова наредба.

6. Царот проговори и му рече на Божјиот човек: „Помоли Го Господа, својот Бог, за да можам да ја вратам раката кон себе.” Божјиот човек Го помоли Господа, и царевата рака се врати кон него, и беше како порано.

7. Тогаш царот му рече на Божјиот човек: „Дојди со мене дома за да се поткрепиш. И ќе ти дадам подарок.”

8. Но Божјиот човек му одговори на царот: „Да ми ја дадеш половината од својата куќа, не би тргнал со тебе. Ни би јадел ни би пиел на ова место,

9. зашто вака ми е заповедано од Господовото слово: ‘Не јади леб и не пиј вода, ниту се враќај по истиот пат по кој си дошол.’”

10. И отиде по друг пат, не се врати по патот по кој што дојде во Ветил.

11. А во Ветил живееше стар пророк. Неговите синови дојдоа кај него и му раскажаа сè што сторил оној ден Божјиот човек во Ветил; и зборовите што му ги кажа оној на царот му ги раскажаа синовите на таткото.

12. А тој ги праша: „По кој пат си отиде?” Синовите го покажаа патот по кој што си отиде Божјиот човек, што беше дошол од Јудеја.

Прочитајте целосна глава 1 Цареви 13