Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 28:14-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

14. Саул ја праша: „Какво му е обличјето?” А таа одговори: „Излегува старец, наметнат со плашт.” Тогаш Саул созна дека е тоа Самоил, па падна со лицето на земјата и се поклони.

15. Самоил го праша Саула: „Зошто го замати мојот мир повикувајќи ме горе?” А Саул одговори: „Во голема неволја сум, зашто Филистејците завојуваа против мене, а Бог се заврте од мене и не ми одговара веќе, ни преку пророците ни во соништата. Затоа те повикав тебе за да ме поучиш што да правам.”

16. А Самоил одговори: „Зошто ме прашуваш мене, кога Господ се одвратил од тебе и ти станал непријател?

17. Господ ти направи како што ти кажа преку мене: го истрга царството од твојата рака и му го даде на твојот соперник, Давид,

18. зашто не ги послуша Господовите зборови и зашто не го изврши Неговиот жесток гнев врз Амалик: затоа Господ ти направи вака денес.

19. Господ ќе го предаде, заедно со тебе, и Израел во филистејски раце. Утре со своите синови ќе бидеш со мене, а и војската Израелева Господ ќе ја предаде во филистејски раце.”

20. Саул беше опфатен од ужас и падна на земјата колку што е долг. Го опфати силен страв од Самоиловите зборови. И му ја потснема силата, зашто не јадеше ништо цел ден и цела ноќ.

21. Кога онаа жена дојде кај Саула и забележа како е сиот исплашен, му рече: „Ете, твојата слугинка го послуша твојот збор, го ставив својот живот на коцка и ги послушав твоите заповеди, што ми ги наложи.

22. Затоа сега послушај го и ти зборот на својата слугинка: дозволи да ти пружам залак леб; јади, за да ти се врати силата та да можеш да тргнеш по својот пат.”

23. Но тој нејќеше, туку рече: „Не ќе јадам!” Ама кога го зафатија неговите слуги, заедно со жената, ги послуша, стана од земјата и седна на постелата.

24. Жената имаше дома теле за гоење. Го закла брзо, потоа зеде брашно, го замеси и испече бесквасен леб.

25. Потоа стави сè пред Саула и пред неговите луѓе. Откако јадоа, станаа и уште во истата ноќ тргнаа назад.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 28