Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 23:9-26 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

9. Кога Давид научи дека Саул му крои зло, му рече на свештеникот Авијатар: „Донеси го наплеќникот!”

10. Тогаш Давид се помоли: „Господи, Израелев Боже, твојот слуга чу дека Саул подготвува напад врз Кеила, за да го разори градот заради мене.

11. Дали Саул ќе дојде како што чу Твојот слуга? Господи, Израелев Боже, одговори му на Својот слуга!” А Господ одговори: „Ќе дојде!”

12. Давид праша пак: „Дали првенците на Кеила ќе ме предадат, мене и моите луѓе, во Сауловите раце?” А Господ одговори: „Ќе ве предадат!”

13. Тогаш Давид стана со своите луѓе, беа околу шест стотини; излегоа од Кеила и скитаа каде што можеа. А кога му јавија на Саула дека Давид избега од Кеила, се откажа од воениот поход.

14. Давид се засолна во пустината во горните засолништа; се настани на гората во пустината Зиф. Саул го бараше непрекратно, ама Бог не го предаде во неговите раце.

15. Давид се плашеше дека Саул излезе на војна за да нападне на неговиот живот. Затоа Давид остана во пустината Зиф во гората.

16. Тогаш Сауловиот син Јонатан тргна на пат и дојде кај Давида во Дубравата, и го охрабри во Божјо име.

17. Му рече: „Не бој се, зашто нема да те стигне раката на мојот татко Саул. Ти ќе царуваш над Израел, а јас ќе бидам втор до тебе; и мојот татко Саул го знае тоа добро.”

18. И тие двајца склучија сојуз пред Господа. Давид остана во гората, а Јонатан си отиде во својот дом.

19. Еден ден Зифејците дојдоа кај Саула на Гаваја и му јавија: „Давид се крие кај нас во горските засолништа во Дубравата, на ридот Ехела, што е јужно од Гесимон.

20. Сега, цару, кога ќе сакаш да слезеш, слези, а наше е да го предадеме во рацете на царот.”

21. А Саул одговори: „Господ да ве благослови дека ме сожаливте!

22. И така, одете, распрашајте се уште и извидете го добро местото каде ќе го донесат неговите итри чекори; ми рекоа дека е многу лукав.

23. Затоа пребарајте ги сите дупки во кои што се завлекува, па вратете се кај мене кога ќе знаете подетално. Тогаш јас ќе тргнам со вас, па ако биде некаде во земјата, ќе одам по неговите траги низ сите Јудини родови.”

24. Тогаш тргнаа на пат и отидоа во Зиф, пред Саула. Давид со своите луѓе беше во пустината Маон во Араба, јужно од Гесимон.

25. Потоа и Саул тргна со своите луѓе, за да го бара Давида. Кога му го јавија тоа на Давида, тој слезе во клисурата што лежи во пустината Маон. Саул го научи тоа и тргна во потера по Давида во пустината Маон.

26. Саул одеше на едната страна од планината, а Давид со своите луѓе по другата страна на планината. Давид мошне иташе за да му избега на Саула. Кога Саул со своите луѓе сакаше да премине на другата страна за да ги опколи Давида и неговите луѓе и за да ги фати,

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 23