Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 20:27-35 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

27. Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?”

28. А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем.

29. Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.”

30. Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти!

31. Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.”

32. А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?”

33. Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида.

34. Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди.

35. Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 20