поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31

Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 20 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. Давид избега од Најот во Рама и дојде кај Јонатана та му рече: „Што направив? Каква беше мојата вина и што му згрешив на татка ти, та го бара мојот живот?”

2. А тој му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Ти нема да загинеш. Ете, мојот татко не презема ништо, било големо или мало, а тоа да не ми го открие мене. И така, зошто татко ми би го криел од мене токму тоа?”

3. Но Давид се заколна и рече: „Твојот татко знае добро дека јас ја придобив твојата наклонетост, па мисли: ‘Јонатан не треба ништо да знае за тоа, за да не биде жалостен.’ Ама живиот ми Господ и животот ми твој, има само еден чекор меѓу мене и смртта.”

4. Тогаш Јонатан го праша Давида: „Што сакаш да направам за тебе?”

5. А Давид му одговори на Јонатана: „Еве, утре е млада месечина, и јас би требало да јадам со царот покрај столот; ама ти пушти ме да си одам, за да се скријам во полето до вечерта.

6. Ако твојот татко забележи дека ме нема, ќе му речеш вака: ‘Давид ме молеше упорно за да го пуштам да отиде бргу до својот град Витлеем, зашто таму се слави годишната жртва за сето негово семејство.’

7. Ако тој рече: ‘Добро!’ твојот слуга е спасен. Ако пламне со гнев, знај дека цврсто намислил да ме погуби.

8. И така, искажи му милост на својот слуга, кога својот слуга го воведе со себе во Господовиот сојуз. Ама ако има некаква вина на мене, убиј ме самиот; зошто би ме водел кај својот татко?”

9. А Јонатан му одговори: „Далеку да е од тебе таа мисла! Кога би знаел веродостојно дека мојот татко наумил цврсто за да навали несреќа врз тебе, зар јас не би ти јавил?”

10. Давид го праша Јонатана: „А кој ќе ми јави ако твојот татко ти одговори нешто лошо?”

11. Јонатан му одговори на Давида: „Дојди, да излеземе во полето!” И двајцата излегоа во полето.

12. Тогаш Јонатан му рече на Давида: „Господ Израелевиот Бог, нека ми биде сведок! Јас ќе го искушам татка си, утре во ова време. Ако биде добро за Давида, а јас не испратам кај тебе за да те известам,

13. Господ нека му го направи тоа зло на Јонатана и нека му додаде друго зло! Ако на татка ми му биде мило да ти направи зло, ќе ти јавам, и ќе те пуштам да си отидеш во мир; и Господ нека биде со тебе, како што беше со мојот татко!

14. Ако јас уште бидам жив, ќе можеш да ми ја искажеш Господовата милост;

15. Ако умрам, не крати му ја твојата добрина на мојот дом довека! Кога Господ ќе ги откорне редум Давидовите непријатели од лицето на земјата,

16. Јонатан се заветува со домот Давидов, дека Господ ќе бара сметка за тоа од рацете на Давидовите непријатели.”

17. Тогаш Јонатан му се заколна уште еднаш на Давида во својата љубов, зашто го љубеше со сета љубов на својата душа.

18. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно.

19. Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел.

20. А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел.

21. А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ!

22. Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука.

23. А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!”

24. Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде.

25. Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно.

26. Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.”

27. Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?”

28. А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем.

29. Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.”

30. Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти!

31. Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.”

32. А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?”

33. Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида.

34. Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди.

35. Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок.

36. И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.” И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него.

37. Кога момокот дојде до местото каде што беше стрелата, што ја фрли Јонатан, Јонатан му викна на момокот: „Не е ли стрелата онаму подалеку од тебе?”

38. Уште Јонатан му викна на момокот: „Побргу! Побрзај! Не стој!” Јонатановиот момок ја крена стрелата и му ја донесе на својот господар.

39. Момокот не забележа ништо, само Јонатан и Давид знаеја за што се работи.

40. Тогаш Јонатан му го предаде оружјето на момокот и му рече: „Оди си и однеси го тоа во градот!”

41. Кога си отиде момокот, Давид излезе од кон југ, падна ничкум на земјата и се поклони трипати. Потоа се изљубија и плачеа заедно, но Давид плачеше повеќе.

42. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Оди си во мир! За тоа што двајцата се заколнавме во Господовото име, Господ нека биде сведок меѓу мене и тебе, меѓу моето потомство и твоето потомство довека!” Тогаш Давид стана и си отиде, а Јонатан се врати во градот.