Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 20:18-36 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

18. Потоа Јонатан му рече на Давида: „Утре е млада месечина и ќе забележи дека те нема, зашто твоето место ќе биде празно.

19. Задутре ќе види уште поочигледно дека те нема, а ти дојди на местото каде што се скри во денот на оној настан, и седни при каменот Езел.

20. А јас ќе фрлам три стрели кон онаа страна како да гаѓам цел.

21. А тогаш ќе го испратам момокот и ќе му речам: ‘Оди! најди ја стрелата!’ Ако тогаш му викнам на момокот ‘Внимавај стрелата е ваму поблизу од тебе, донеси ја!’ - ти тогаш дојди, зашто има мир за тебе и нема никаква опасност, така ми живиот Господ!

22. Ако му викнам на момокот: ‘Внимавај! стрелата е онаму подалеку од тебе’ - ти тогаш отиди си, зашто Господ те праќа оттука.

23. А за овој договор, за кој се договоривме јас и ти, Господ нека е сведок меѓу мене и тебе довека!”

24. Потоа Давид се скри во полето. И кога излезе нов месец царот седна покрај столот за да јаде.

25. Царот седна на своето вообичаено место, на местото до ѕидот, Јонатан се смести спроти него, Авенир седна покрај Саула, а Давидовото место остана празно.

26. Ама Саул не рече ништо во оној ден, зашто мислеше: „Му се случило нешто, та не е чист.”

27. Утреден по младата месечина во вториот ден на месецот, Давидовото место пак остана празно, и Саул го праша својот син Јонатан: „Зошто Јесејовиот син не дојде на ручек ни вчера ни денес?”

28. А Јонатан му одговори на Саула: „Давид ме молеше упорно да го пуштам да оди во Витлеем.

29. Ми рече: ‘Пушти ме да одам, зашто ја славиме семејната жртва во мојот град, и моите браќа ме повикаа да дојдам. Ако ја придобив твојата наклоност, дај ми дозвола да ги посетам моите браќа.’ Ете, затоа го нема покрај царскиот стол.”

30. Тогаш Саул пламна со гнев на Јонатана и му рече: „Ти сине на развратна и бунтовна жена! Мислиш дека не знам дека си во сојуз со Јесејовиот син, за свој срам и за срам на мајка ти!

31. Зашто додека биде жив на земјата Јесејовиот син, не ќе бидеш безбеден ни ти ни твоето царство. Затоа сега испрати по него и доведи го кај мене, зашто е осуден на смрт.”

32. А Јонатан му одговори на својот татко Саул и му рече: „Зошто треба тој да умре? Што направи?”

33. Тогаш Саул замавна со копјето на синот за да го прободе. Јонатан виде дека неговиот татко одлучил да го убие Давида.

34. Јонатан стана од столот сиот разјарен, и не јадеше ништо во тој втор ден на месецот, зашто се загрижи за Давида, бидејќи неговиот татко го навреди.

35. Утреден наутро Јонатан излезе во полето според спогодбата со Давида, со него одеше млад момок.

36. И тој му рече на својот момок: „Ти ќе се затрчаш и ќе ги најдеш стрелите што ќе ги фрлам сега.” И момокот се затрча, а Јонатан ја оптегна стрелата така што прелета преку него.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 20