Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 2:10-25 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

10. Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сèвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.”

11. Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија.

12. А Илиевите синови беа недобри луѓе, зашто не се грижеа за Господа,

13. ни за правата на свештениците спроти народот: кога некој би принесувал жртва, би дошол свештениковиот слуга додека месото уште се вареше, со трирогова вилушка во рацете

14. и забодуваше со неа во котлето или во грнецот, во садот за пржење или во чинијата, и што и да се закачеше на вилушката, го земаше свештеникот за себе. Така им правеа на сите Израелци кои доаѓаа онаму, во Сило.

15. Така, и пред да беше спалено салото, би дошол свештениковиот слуга и би му рекол на човекот, кој ја принесуваше жртвата: „Дај ми месо за да му испечам на свештеникот! Тој не сака од тебе варено месо, туку само пресно.”

16. Ако човекот би му рекол тогаш: „Најнапред нека биде спалено салото, а тогаш земи што ти сака душата,” тој би одговорил: „Не, туку дај веднаш.”

17. Гревот на овие луѓе беше многу голем пред Господа, зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа.

18. А Самоил служеше пред Господа, уште дете во ленен наплеќник.

19. Неговата мајка му правеше горна облека за наметнување и му ја донесуваше секоја година, кога ќе дојдеше со својот маж, за да ја принесе годишната жртва.

20. А Илија ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ти даде пород од таа жена наместо подарокот што Му го даде на Господа.” Тогаш се враќаа во својот дом.

21. Господ ја посети Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а детето Самоил растеше со Господа.

22. Илија веќе беше многу стар, ама сепак чу сè што неговите синови му правеа на сиот Израел, и дека лежеле со жените, кои се собирале при влезот на Шаторот на сведоштвото.

23. И тој им рече: „Зашто работите такво нешто, за да треба да слушам за тоа од сиот овој народ?

24. Немојте така, синови мои! Не се добри гласовите што ги слушам... го соблазнувате Господовиот народ.

25. Ако човек му згреши на човека, Господ ќе пресуди. Но ако човек Му згреши на Господа, кој ќе се заземе за него?” Ама синовите не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ беше одлучил да ги погуби.

Прочитајте целосна глава 1 Самоилова 2