поглавја

  1. 1
  2. 2
  3. 3
  4. 4
  5. 5
  6. 6
  7. 7
  8. 8
  9. 9
  10. 10
  11. 11
  12. 12
  13. 13
  14. 14
  15. 15
  16. 16
  17. 17
  18. 18
  19. 19
  20. 20
  21. 21
  22. 22
  23. 23
  24. 24
  25. 25
  26. 26
  27. 27
  28. 28
  29. 29
  30. 30
  31. 31

Стар Завет

Нов Завет

1 Самоилова 2 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

1. На тоа Ана се помоли вака: „Моето срце воскликнува во Господа расте мојата сила преку мојот Бог. Устата ми се шири на моите непријатели, зашто се радувам на Твојата помош.

2. Никој не е свет како што е Господ (зашто нема никого освен Тебе) и нема стена како што е нашиот Бог.

3. Не зборувајте многу горделиви зборови, нека не излегува дрскост од вашата уста, зашто Господ е Сèзнаечки Бог, Тој ги пресудува право делата.

4. Се крши лакот на јунаците, слабите се опашуваат со сила.

5. Ситите сега се мачат за леб, гладните веќе не гладуваат. Неродилката раѓа седумпати, мајката на многуте деца изнемоштува.

6. Господ дава смрт и живот, спушта во гроб и оттаму издига.

7. Господ осиромашува и збогатува, го оборува човекот и го возвишува.

8. Го подига бедниот од правот, сиромашниот го возвишува од буниште, за да ги седне со кнезовите и за да наследат славен престол. Зашто Господови се столбовите на земјата, и Тој ја ставил врз нив вселената.

9. Ги чува чекорите на своите свети, злосторниците ги стигнува пропаст во мракот зашто човек не придобива победа со својата сила.

10. Кои Му се противат на Господа, се сотираат. Сèвишниот грми од небесата врз нив. Господ им суди на краиштата на земјата, му дава сила на својот цар, и Го воздигнува рогот на Својот помазаник.”

11. Потоа Елкан се врати во домот во Рама, а детенцето остана да Му служи на Господа, при свештеникот Илија.

12. А Илиевите синови беа недобри луѓе, зашто не се грижеа за Господа,

13. ни за правата на свештениците спроти народот: кога некој би принесувал жртва, би дошол свештениковиот слуга додека месото уште се вареше, со трирогова вилушка во рацете

14. и забодуваше со неа во котлето или во грнецот, во садот за пржење или во чинијата, и што и да се закачеше на вилушката, го земаше свештеникот за себе. Така им правеа на сите Израелци кои доаѓаа онаму, во Сило.

15. Така, и пред да беше спалено салото, би дошол свештениковиот слуга и би му рекол на човекот, кој ја принесуваше жртвата: „Дај ми месо за да му испечам на свештеникот! Тој не сака од тебе варено месо, туку само пресно.”

16. Ако човекот би му рекол тогаш: „Најнапред нека биде спалено салото, а тогаш земи што ти сака душата,” тој би одговорил: „Не, туку дај веднаш.”

17. Гревот на овие луѓе беше многу голем пред Господа, зашто луѓето ја презираа жртвата што Му беше принесувана на Господа.

18. А Самоил служеше пред Господа, уште дете во ленен наплеќник.

19. Неговата мајка му правеше горна облека за наметнување и му ја донесуваше секоја година, кога ќе дојдеше со својот маж, за да ја принесе годишната жртва.

20. А Илија ги благословуваше Елкана и неговата жена, велејќи: „Господ нека ти даде пород од таа жена наместо подарокот што Му го даде на Господа.” Тогаш се враќаа во својот дом.

21. Господ ја посети Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а детето Самоил растеше со Господа.

22. Илија веќе беше многу стар, ама сепак чу сè што неговите синови му правеа на сиот Израел, и дека лежеле со жените, кои се собирале при влезот на Шаторот на сведоштвото.

23. И тој им рече: „Зашто работите такво нешто, за да треба да слушам за тоа од сиот овој народ?

24. Немојте така, синови мои! Не се добри гласовите што ги слушам... го соблазнувате Господовиот народ.

25. Ако човек му згреши на човека, Господ ќе пресуди. Но ако човек Му згреши на Господа, кој ќе се заземе за него?” Ама синовите не го послушаа гласот на својот татко, зашто Господ беше одлучил да ги погуби.

26. А детето Самоил сè повеќе растеше и придобиваше благонаклоност и пред Господа и пред луѓето.

27. Тогаш дојде еден Божји човек при Илија и му рече: „Господ зборува вака: ‘Нели му се јавив јасно на домот на твојот татко кога беа во Египет, во домот на фараонот?

28. Ги избрав од сите Израелеви племиња за да ми бидат свештеници, за да се искачуваат на Мојот жртвеник, за да принесуваат жртви паленици и за да носат наплеќник пред Мене: и му ги дадов на домот на твојот татко сите палени жртви на Израелевите синови.

29. Зошто ја газите Мојата жртва и Мојот лебен принос? И зошто ги пазиш своите синови повеќе од Мене, гоејќи ги со најдобрите делови на сите жртвени приноси на Мојот народ Израел?’

30. ’Затоа - Господ, Израелевиот Бог говори - навистина реков дека твојот дом и домот на твојот татко ќе стапуваат пред Мене довека, сега - говори Господ - нека е тоа далеку од Мене, ќе ги прославам оние кои Ме прославуваат Мене, а кои не Ме слават Мене, ќе бидат засрамени.

31. Ете, доаѓаат денови кога ќе ги отсечам твојата мишка и мишката на домот на татка ти, така што веќе не ќе има старец во твојот дом.

32. Ти ќе гледаш со кривогледо око на сите добра со кои ќе го опсипам Израел, и никогаш веќе не ќе има старец во твојот дом.

33. Сепак ќе задржам некого од твоите кај Својот олтар, само за да му слабеат очите и за да му венее неговата душа, но сето потомство на твојот дом ќе умира на средна возраст.

34. Знак ќе биде она што ќе ги снајде твоите два сина, Офниј и Финес: двајцата ќе загинат во ист ден.

35. Јас ќе си издигнам за Себе си верен свештеник, кој ќе работи според Моето срце и според Мојата душа, и во него ќе создадам траен дом, и тој секогаш ќе оди пред Мојот Помазаник.

36. А кој ќе остане од твојот дом, ќе доаѓа да му се поклони и да измоли сребрениче или парче леб, и ќе рече: „Те молам, прими ме во каква и да е свештеничка служба, за да имам залак леб.”‘“