Стар Завет

Нов Завет

Матеј 5:16-30 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

16. Така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Татко, Кој е во небесата.”

17. ”Не мислете дека дојдов да ги поништам Законот и Пророците! Не дојдов да ги поништам, туку да ги исполнам.

18. Зашто вистина ви велам, додека не поминат небото и земјата, ниту најмалата буква, ни цртичка, не ќе ја снема од Законот, додека не се збидне сè.

19. И така, кој ќе наруши една од овие најмали заповеди и така ги научи луѓето, ќе биде наречен најмал во царството небесно; а кој ги држи и поучува, ќе биде наречен голем во царството небесно;

20. Зашто ви велам, ако вашата праведност не ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, нема да влезете во царството небесно.”

21. ”Сте чуле дека им беше речено на старите: ‘Не убивај! А кој ќе убие, ќе биде виновен пред судот.’

22. А Јас ви велам, дека секој, кој се гневи на брата си без причина, ќе биде виновен пред судот. А кој ќе му рече на брата си „празноглавец”, ќе биде виновен пред синедрионот. А кој ќе го нарече „безумник”, ќе биде виновен за во огнениот пекол.

23. И така, ако принесуваш свој дар на олтарот и си спомниш таму дека брат ти има нешто против тебе,

24. остави го таму својот дар пред олтарот, и оди првин помири се со брата си, па тогаш дојди и принеси го својот дар.

25. Покажи бргу добра волја кон твојот противник, додека си уште со него на пат, за да не те предаде противникот на судијата, а судијата на служителот, па да те фрлат во темница.

26. Вистина ти велам: нема да излезеш оттаму, додека не го исплатиш и последниот кодрант.”

27. ”Сте чуле дека им било речено на старите: ‘Не прави прељуба!’

28. А Јас ви велам дека секој, кој гледа на жена со желба, веќе извршил прељуба со неа во своето срце.

29. Ако твоето десно око те соблазнува, извади го и фрли го од себе; зашто е подобро да ти пропадне еден од членовите, отколку целото твое тело да биде фрлено во пеколот.

30. И ако твојата десна рака те соблазнува, отсечи ја и фрли ја од себе; зашто ти е подобро да пропадне еден од твоите членови, отколку целото твое тело да отиде во пеколот.

Прочитајте целосна глава Матеј 5