47. И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини.
48. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!”
49. И веднаш се приближи до Исуса и Го целива.
50. А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?” Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија.
51. И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.
52. Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат.
53. Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели?
54. Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?”
55. Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте.
56. А ова сè се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.” Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.
57. А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините.
58. А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.
59. А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа,
60. иако дојдоа многу лажни сведоци.