Стар Завет

Нов Завет

Матеј 26:44-64 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

44. И пак ги остави и отиде да се помоли, по третпат, и ги изговори истите зборови.

45. Тогаш дојде при учениците и им рече: „Само спијте и почивајте. Еве, наближи часот кога Човечкиот Син ќе биде предаден во рацете на грешниците.

46. Станете, да одиме! Ете, наближи Мојот предавник.”

47. И додека Тој уште зборуваше, ете, Јуда, еден од Дванаесетмината, дојде со големо множество, со ножеви и стапови, испратени од првосвештениците и народните старешини.

48. А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам јас - Тој е, фатете Го!”

49. И веднаш се приближи до Исуса и Го целива.

50. А Исус му рече: „Пријателе, зошто дојде?” Тогаш пристапија, положија раце на Исуса и Го фатија.

51. И ете, еден од оние, кои беа со Исуса, извади нож и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото.

52. Тогаш Исус му рече: „Врати го твојот нож на неговото место; зашто сите, кои се фаќаат за нож - од нож ќе загинат.

53. Или мислиш дека не можам да Го помолам Мојот Татко, и ќе Ми испрати веднаш повеќе од дванаесет легии ангели?

54. Но, како би се исполниле Писмата, дека така треба да биде?”

55. Во оној час, Исус му рече на народот: „Излеговте како на разбојник, со ножеви и стапови, за да Ме фатите. Секој ден седев во Храмот и поучував и не Ме фативте.

56. А ова сè се збидна, за да се исполнат пророчките Писма.” Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.

57. А оние, кои Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде беа собрани книжниците и старешините.

58. А Петар врвеше по Него оддалеку до дворот на првосвештеникот, и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.

59. А главните свештеници и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат, и не најдоа,

60. иако дојдоа многу лажни сведоци.

61. Најпосле дојдоа двајца и рекоа: „Овој рече: ‘Можам да го разурнам Божјиот Храм и да го соѕидам за три дни.’”

62. Тогаш првосвештеникот стана и Му рече: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?”

63. А Исус молчеше. Првосвештеникот Му рече: „Те заколнувам во живиот Бог да ни кажеш дали си Ти Христос, Божјиот Син?”

64. Исус му кажа: „Ти рече! Но, Јас ви велам: отсега ќе Го гледате Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како доаѓа на небесните облаци.”

Прочитајте целосна глава Матеј 26