Стар Завет

Нов Завет

Матеј 26:21-40 БИБЛИЈА (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет (MKB)

21. И додека јадеа, им рече: „Вистина ви велам, дека еден од вас ќе Ме предаде.”

22. И многу се нажалија и почнаа да зборуваат, еден по друг: „Да не сум јас, Господи?”

23. А Тој одговори: „Оној што ќе ја накваси - со Мене - раката во чинијата, тој ќе Ме предаде!

24. И така, Човечкиот Син си оди како што е напишано за Него, но тешко му на оној човек, преку кого ќе биде предаден Човечкиот Син; добро би било за тој човек, ако не беше се родил!”

25. А Јуда, кој Го предаде, во одговор рече: „Да не сум јас, Учителе?” Му кажа: „Ти рече!”

26. А кога јадеа, Исус зеде леб, благослови, го раскрши и им го раздаде на учениците, и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.”

27. Тогаш ја зеде чашата и заблагодари, им ја даде и рече: „Пијте сите од неа,

28. зашто ова е Мојата крв на Заветот, која се пролева за мнозина, за проштавање на гревовите.

29. Но, ви велам, отсега нема да пијам од овој лозов плод до оној ден, кога ќе го пијам со вас нов во Царството на Мојот Татко.”

30. И откако испеаја благодарствена песна, излегоа на Маслиновата Гора.

31. Тогаш Исус им рече: „Сите вие ќе се соблазните во Мене, во оваа ноќ, зашто е пишано: „Ќе го удрам Пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат!”

32. А по Моето воскресение ќе отидам, пред вас, во Галилеја.”

33. Тогаш Петар одговори и рече: „Ако сите се соблазнат во Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.”

34. Исус му рече: „Вистина ти велам, уште ноќеска трипати ќе се одречеш од Мене, пред да пропее петел.”

35. Петар Му рече: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.” Така рекоа и сите ученици.

36. Тогаш Исус дојде со нив на местото, кое се вика Гетсеманија, и им рече на учениците: „Седете тука додека Јас отидам онаму да се помолам.”

37. И ги поведе со себе Петра и двајцата Зеведееви синови и почна да тагува и да се вознемирува.

38. Тогаш им рече: „Мојата душа е длабоко натажена до смрт; останете тука и бдејте со Мене!”

39. И отиде малку потаму и падна на Своето лице и се помоли, велејќи: „Татко Мој! Ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како што сакам Јас, туку како Ти!”

40. И дојде при учениците, и ги најде како што спијат, и му рече на Петра: „Така! Не можевте ли да пробдеете со Мене еден час?

Прочитајте целосна глава Матеј 26