20. И кога пристапи оној, кој примил пет таланти, донесе други пет таланти и рече: ‘Господаре, ми предаде пет таланти, а еве, јас спечалив и други пет.’
21. Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’
22. А кога пристапи оној, кој примил два таланта, рече: ‘Господаре, ми даде два таланта, а еве, јас спечалив други два.’
23. Тогаш неговиот господар му рече: ‘Добро, сакан и верен слуго! Си бил верен во малку, ќе те поставам над многу; влези во радоста на својот господар!’
24. А кога пристапи оној, кој примил еден талант, рече: ‘Господаре, знаев дека си ти строг човек, жниеш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел;
25. се исплашив, отидов и го скрив твојот талант во земјата. Еве, го имаш своето!’
26. А неговиот господар одговори и рече: ‘Зол и мрзлив слуго, знаеше дека жнијам, каде што не сум сеел и дека собирам, каде што не сум веел;
27. затоа требаше да им го дадеш моето сребро на менувачите и јас - по враќањето - ќе го земев моето со добивка.
28. Затоа, одземете му го талантот и дајте му го на оној, кој има десет таланти!
29. Зашто секому, кој има, ќе му се даде уште и ќе има во изобилство, а оној, кој нема, ќе му се одземе и она што го има.
30. А неполезниот слуга исфрлете го во крајна темнина; каде ќе биде плач и чкртање со заби.’”
31. ”Кога Човечкиот Син ќе дојде во Својата слава и сите ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на Својата слава;
32. и ќе се соберат пред Него сите народи, а Тој ќе ги оддели едни од други, како што пастирот ги одделува овците од јарците.
33. И ќе ги постави овците од својата десна страна, а јарците од левата.
34. Тогаш Царот ќе им рече на оние од десната страна: ‘Дојдете, благословени од Мојот Татко, и примете го во наследство Царството, кое ви е приготвено од создавањето на светот!
35. Зашто огладнев и Ми дадовте да јадам; ожеднев и Ме напоивте; бев странец и Ме примивте;
36. бев гол и Ме облековте; бев болен и Ме посетивте; бев во темница и дојдовте при Мене.’
37. Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‘Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме; или жеден и Те напоивме?
38. Кога Те видовме како странец и Те примивме? Или гол и Те облековме?
39. Кога те видовме болен или во темница и дојдовме при Тебе?
40. А Царот ќе им одговори: ‘Вистина ви велам, доколку му направивте на еден од овие Мои најмали браќа, Мене Ми направивте.’